за ПРОЕКТОТ

Ние на Балканот сме вобичаено научени да одиме на одмор во Грција или Бугарија на познати дестинации, најдалеку Турција. Дури и кога одиме на други дестинации тоа е главно одмор, да се најадеме, напиеме, наспиеме, можеби попливаме малку и да направиме муабет со некој кој говори на јазик кој е сличен на нашиот.

 

Јас никогаш не сум сакал да одам на одмор но секогаш сум сакал да патувам, на 20години наместо со другарите во Бугарија јас патував сам со воз низ Балканот. За апсолвентска, наместо низ Европа со колегите,  јас одлучив да се впуштам во едномесечно духовно патување во Индија. Затоа кога ми се укажа приликата преку работење на брод да снимам окулу Светот, јас решив да ги пронајдам неоткриените лица на дестинациите и како Магистер по Интеркултурна Комуникација да се запознам подлабоко со секоја култура која ќе ја сретнам.

 

Серијалот “СВЕТСКИ ПАТНИК – CULTURE TRIP“ во 24-ри епизоди опфаќа 100тина дестинации од 50тина држави од целиот Свет со посебен осврт на тоа што ги прави културите посебни. Тајната на Бразилците за најсреќната нација на Светот, како Полежаните успеале да постигнат неверојатен мир, како Сингапурците од едни од најсиромашните станале едни од најуспешните, како Норвежаните се толку скромни и како Арапите од песок прават неверојатни модерни замоци.

 

Сите приказни директно ги раскажуваат насмеаните локалци кои секогаш се горди кога некој ќе ги праша, кои секогаш се спремни да бидат амбасадори на својата култура. Истите тие локалци од кои сите се плашат, кои ги избегнуваат камерите и туристите, тие локалци кои ги среќавав по улиците, ми ја покажаа позитивната страна на Светот.

 

Па доколку сакаш да научиш нешто ново за Светот а да не биде од “википедија“ информации, ако сакаш да видиш како живеат обичните луѓе во различни краеви на Планетата тогаш не пропуштај ги епизодите на серијалот “СВЕТСКИ ПАТНИК – CULTURE TRIP.“