ВИНОТО МОЖЕ ДА БИДЕ ЛЕК

За виното често може да се каже дека е многу повеќе од алкохолен пијалок. Дали е мит или легенда, сепак нему му се припишуваат и лековити својства, а во стариот свет било сметано за афродизијак. Со вино се лечела и душата и телото уште од времето на Хипократ, но докторите сепак предупредува дека вино може да пијат само здрави луѓе. Дефинитивно современиот став на американското Министерство за здравствo е дека лековитите својства на виното, може да бидат корисни само во превентивни цели и тоа исклучиво, ако се пие умерено и ако виното е квалитетно.

Филозофот Плутарх кој живеел од 45–125 г. п.н.е. ќе каже: „Виното е најкорисно од сите пијалоци, највкусно од сите лекови и најздраво од сите видови на храна“. Но, дефиницијата и составот на виното е нешто покомплицирана работа. Вака симплифицирано виното се состои од 860 грама вода, нешто малку непревриeн шеќер, 60 до 100 грама етил–алкохол, малку глицерини, киселини, танини во црно вино, витамини, полифеноли и флафоноиди, а може да се најдат и неколку минерали, но и метил алкохол. Поради ваквите својства виното брзо влегува во крвотокот и делува низ целото тело. Ако е конзумацијата умерена, имаме позитивни влијанија, пред сé на дигестивните органи, бидејќи го забрзува лачењето на ензимите и помага при варење на храната. Ги шири крвните садови и го подобрува крвотокот, а со тоа и дишењето, влијае на кожата зашто ја подобрува и периферната циркулација, исто така влијае и на бубрезите и џигерот зашто поради подобрата циркулација се исфрлаат побрзо штетните супстанци од организмот, ги стимулира жлездите и ја подобрува снабденоста на мозокот со кислород.

Овие позитивни феномени многу лесно стануваат штетни ако дозата на конзумирање се зголеми. Кај оние кои прекyмерно пијат вино, алкохолот ги уништува мозочните клетки, па тие ризикуваат да заболат од цироза на џигерот, но и да добијат висок крвен притисок и мозочен инфаркт, провоцираат да им се зголеми нивотo на шеќер во крвта, а ако практикуваат комбинирање на виното со жестоки алкохоли сигурно ќе влезат во болест на зависност од алкохол со сите нејзини социјални, персонални и соматски последици.

Во споредба со другото овошје, грозјето, а со тоа и виното е неколкупати побогато со полифеноли како и флавоноиди, антоциани и проантоцианиди чија антиоксидантна дејност потврдена е во многу медицински студии. Најзначајни се: резверотролот (го смалува ризикот од кардио–васкуларни заболувања), кварцетин (има антиканцерогено дејство), епикатехин (ги лови слободните радикали) и катехин (спречува згрудчување на крвта.), а некои како рутинот ги зајакнува ѕидовите на крвните садови. Нивното позитивно дејство се потенцира само во благ раствор од алкохол и умерена консумација. Овие биолошки вредности на виното не можат да се добијат само со консумирање на шира или концентриран сок од грозје во народот познат како „маџун”, иако и тоа е доста корисно за организмот како прехранбен производ.
Во виното се содржани и микро и макро елементи како што се незаменливи аминокиселини, витамини А, Б1, Б6, Б12 кои се значајни за метаболизмот на човекот, фолна киселина (која учествува во создавање на крвните станици), како и витамин Ц, посебно во младите вина. Од минералите присутни се калиум, натриум, калциум, магнезиум, железо, манган, цинк, бакар, јод, фосфор и хлор.

Според сите био–технолошки студии во белите вина има дваесетпати помалку полифеноли одколку во црните вина. Според една студија македонските и далматинските вина имаат исклучителен антиоксидационен потенцијал, некогаш и двојно побогат од останатите вински светски брендови. Органското производство исто така гарантира здравје и еколошки пристап во виното што е тренд и на 21 век кога, човек наспроти глобализацијата се враќа на своите архаични и традиционални корени.
Препорачливата количина на алкохол во вината е околу 10 до 11%, а Светската здравствена организација препорачува дневна доза за конзумација да биде 2 чаши за машкиот пол или една за жените од 0,2 л. за сето тоа да има превентивно–здравствен ефект. Особено ако се консумира навечер, со храна, го збогатува вкусот и расположението.
Некои светски фирми раководејќи се од светските трендови за органска исхрана изготвиле препарати од екстрактот на црното вино. За таа цел се изработуваат лековити и превентивни препарати за оние консументи кои не смеат да пијат алкохол. Во таа група се: децата, трудниците, луѓе со заболен џигер или чир на желудникот, астматичари или популација со прогресивни заболувања. Особено апстиненцијата се однесува на луѓе со дијагноза на зависност од алкохол. И за крај една чаша вино е лек, две здравје, а три се болест.

СИТЕ ЕМИСИИ