за ПРОЕКТОТ

Класична музика, ноти, разни инструменти, звуци, мелодија, инспирирани детски лица, творечки занес, визии, соништа… За големи сцени, громогласни аплаузи, награди, светска слава. Колку убаво звучи сето ова, што е сместено во младите музички глави, што толку силно успева да ги придвижува напред, кон новите музички светови, летајќи кон височините на музичката шир. И ќе речеме, имаат талент, не е толку тешко, тие можат… Да , имаат талент, навистина не е тешко ништо кога со таква силина од душата се сака, но мора многу, многу, да се работи, да се вежба и да се дојде до таа складна мелодија. Колку часови се тоа, поминати заедно со своите инструменти и под менторство на своите професори за да се дојде до моментот, да се застане на сцена и да се отсвири мелодија односно музичка композиција.
Затоа, овој проект е со непроценлива вредност. Затоа, сакаме да ви го подариме, заедно со сите овие млади и надежни музички имиња, заедно со нивните музички дела, сите отсвирени одлично и со многу емоции.
Како да се одвои некој од нив, кога сите се подеднакво вредни а ги има од оние со 4- годишна возраст, кои вешто свират виолина, до оние кои веќе се стројни момчиња и девојчиња и свират на различни инструменти.
Уште поважно, сите тие, подеднакво со големите и возрасните музички виртуози, подготвени да застанат на сцена и да ја дадат својата музичка душа, за сите кои сакаат да уживаат во неа.
Зарем има нешто поубаво од тоа, нешто што ни дава шанса за музичко уживање и вистинско музичко разгалување.
Затоа, покануваме на уживање!

 

Кон проектот