од СОРАБОТНИЦИ

Лидија Димковска
поет, прозаист, есеист, теоретичар на книжевноста и преведувач.

Следејќи ги нејзините умни и одлично подготвени разговори во кои на културен, достоинствен, професионален и мошне човечки начин успеваше да ги извлече и најскришните размисли на соговорниците, секогаш си велев колку е убаво што Теа Беговска, толку млада, а толку зрела, ни ја нуди вербата во нејзината генерација како генерација на луѓе кои би  можеле да ги подобрат општеството, културата и да ги зајакнат критериумите и стандардите на работење, творење, комуницирање и одговорност. Кога ми се јави Теа Беговска со желба да направиме разговор за КУЛТУРО

помислив дека ми се случува чудо: таа не ни знаеше  дека ми е на два метра од ТВ екранот иако не делат илјада километри, а јас не ни знаев дека Теа ме познава на поинаков начин. Колку убава средба беше емисијата како таква! Немав ни трема ни зазор додека разговаравме за многу теми, а немав ни чувство дека ме снимаат додека зборував. Не, тоа беше топол, искрен и отворен разговор меѓу две современички кои, сакале или не, немаат некое големо влакно на јазикот. Отсекогаш сум ја ценела кај луѓето храброста и свеста дека треба да се зборува вистината и ништо друго. Теа ме праша се што посака, јас одговорив се што мислам, како да не поврзува старо и долго пријателство,  па не го поштедивме системот, а ни оние кои го создаваат, но и не заборавивме на она што е добро и важно. Обично по настапи во медиумите се чувствувам празна и исцрпена, а по разговорт со Теа за КУЛТУРО се чувствував полна и полетна.


Проф. д-р Јана Манева Чупоска
ликовен уметник и дизајнер

Разговорот со Теа Беговска снимен во МНТ ни малку не беше тоа што јас предходно го замислував. Ајде да кажам дека беше целосно спонтан разговор и ништо не излезе од тоа што јас демек се подготвував предходно. Нескромно ќе истакнам дека заеднички ја постигнавме целта да зборуваме за многу важни состојби во делот на ликовната сцена кај нас и во светот. Таканаречената спонтаност во самиот разговор всушност беше еден крајно професионален „режисерски пристап“на Теа Беговска.Таа сепак успеа на нејзин својствен начин да допре до мене за да јас ги споделам во јавноста сите оние мисли, размислувања и ставови за ликовната уметност гледано од повеќе агли: културолошки, социолошки и филозовски аспект.

Главната цел на ова мое кратко пишано обраќање не е само да се восхитувам од водителските способности на Теа Беговска која таа реално ги поседува. Поважната цел каде што јас и во самата емисија го споменав е дека ваквите емисии мора да постојат да егзистираат во македонскиот етер. Нема потреба да повторно се банализира фактот колку културата е важна за креирање на една вистинска нација и држава заедно со сите културни вредности која таа ги поседува а која пак има за цел да сведочи и во идните времи.


Александар Ристовски Принц
музичар

Едно од моите најгледани интервјуа на интернет. Издржан муабет кој ги држел луѓето да го изгледаат цело. Но, така е кога е во пријатна атмосфера со пријатен и широковид домаќин како Теа.


Петар Младеновски – Суперхикс
музичар

КУЛТУРО – културен зрак во времиња на некултура, кич, шунд, “кафанизам и турбосанса”! Можеби единствен “ТВ простор” кој се занимава со разни културни теми и области. Од сликарство до рокенрол. Секоја чест за Теа Беговска и КУЛТУРО и што би рекле Русите – “Кип ап д гуд уорк”!! Знам дека не е лесно.


Мони Димевски
актер

Она што мислам дека е најважно за емисијата КУЛТУРО е дека таа е една од ретките кои можат да се видат на нашите медиуми на темата уметник , неговото место и неговите проблеми во нашето општество. Тоа е ретка можност ние самите да проговориме за нашите професии, соништа , задоволства и проблеми на начин на кој  ке допре и до пошироката јавност , зашто верувам дека „обичниот„  човек во нашата земја многу малку знае или размислува во какви околности создаваме уметност. Нашиот гледач преку овој проект може да слушне и види зошто  нашите уметнички производи се разликуваат од тие што ни доагаат од други земји во светот, независно дали е тоа  преку малите екрани или пак во тетарските и кино сали.

Кон проектот