за ЗОРАН

Зоран Михајлов е роден во Битола, на 17 јануари 1945 година. Основно и средно училиште завршува во Скопје, каде што се стекнува и со диплома од Филолошкиот факултет, во една од класите на истакнатите научни работници и професори Блаже Конески, Харалампие Поленаковиќ, Божо Видоевски и Димитар Митрев.

Знаењата стекнати на факултетот и непосредните контакти со професорите му го определуваат професионалниот живот како новинар. Во гимназиските и во студентските денови се ангажира како соработник во весниците „Студентски збор“ и „Млад борец“, а во 1965 година ја почнува својата професионална новинарска кариера во спортската редакција на најстариот македонски дневен весник „Нова Македонија“. Извесен период потоа, својот професионален живот го продолжува во Телевизија Скопје како спортски коментатор.

Во 1981 година станува генерален секретар во фудбалскиот клуб Вардар, кој првпат во клупската историја успева да се пласира во тогашниот Куп на УЕФА, во сезоната 1984/85. Една година подоцна, како спортски директор на КК МЗТ Скопје, го бележи пристапувањето на кошаркарскиот клуб во тогашната југословенска прва лига.

Не можејќи без спортското новинарство, во 1987 година Зоран Михајлов се враќа во МТВ како спортски коментатор, а подоцна и уредник на спортската редакција. Во коментаторската кариера Михајлов е рекордер во коментирање и известување од најголемиот спортски настан на светот – олимпијадата. Тој присуствува на 15 олимпијади (9 летни и 6 зимски), и притоа ги афирмира настапите на македонските спортисти и ја информира македонската јавност за тамошните случувања.

Освен неговите многубројни ангажмани како спортски работник, Зоран Михајлов е и активен атлетичар на АК Работнички во периодот од 1960 до 1966 година,а две сезони  настапуваше за младинската репрезентација на Југославија.

Од 2009-та годна па се до денес активно соработува со НАША ТВ на повеке проекти како спортски коментатор на  значајни светски натпреварувања како Дијаманстата лига во атлетика, Светскиот куп во скијање, АТП турнирите во тенис, како и уредник и водител на актуелната спортска емисија СПОРТ по СПОРТ.  Секако најзначаен и најдолгогодишен ангажман во НАША ТВ е реализацијата на македонската енциклопедија за спорт МАКЕДОНСКИ СПОРТСКИ ЛЕГЕДНИ за која досега се изработени  176 емисии  со најзначајните македонски спортски легенди.

Во 2019 година во издание на Арс Либрис,дел од Арс Ламина – публикации,  излезе и неговата книга Спортски стории,во која Зоран Михајлов не враќа назад во историјата на македонскиот спорт.Во неа се изнесени неговите сеќавања и записи,кои се резултат на  богатата кариера како спортски новинар и коментатор.

Кон проектот