DO NOT FORGET!

„Домашните“  се  столбот на економијата – криза ли треба да се сетиме?

Се случи криза, за да се освестиме дека домашните компании и производители се столбот и на економијата и на целокупното живеење.

Се чини, досега не се разбираше вистинската суштина на реченицата малите и средни компании и семејните бизниси се двигатели на домашната економија. И како од навика сите ја повторувавме, но не се веруваше во силата на таа реченица, до каде може да го „клекне на колена“ целиот наш систем.

Дојде моментот кога домашните се најважни, сите се освестија и сите се свртени кон нив. Колку било важно да издржат, за да може да ја придвижат пак економијата, по завршување на кризата и да придонесуваат на државниот буџет. А, зарем сега, па тие се тука постојано. Се борат со секојдневието. Од најмалите, оние кои почнале во една соба од своите домови, до оние што ризикувале и земале кредит, биле похрабри и направиле нешто поголемо.

Во процесот на градење на домашните компании, по транзицијата, патот беше трнлив, со многу ризици, предизвици, нивно незнаење за одредени процеси во бизнисот и учеа „во од“, грешеа, паѓаа, продолжуваа, отпуштаа, вработуваа, создаваа нови производи, дел успешни дел комплетно промашени, копираа, си конкурираа, растеа, се развиваа.

Тука се, насекаде околу нас.

Но, колку вистински знаеме за нив, за она што го живеат и дали само сега, кога е криза треба да бидат наши.

Влегувањето во многу погони, производствени капацитети, линии каде се произведуваат нашите производи, ми дава право да зборувам за нив како да се мои, домашни, македонски, зошто таму го видов она вистинското.Таму, особено се раѓаат и емоциите дека ова е нешто наше домашно, направено од нашите работници, од нашите земјоделци, набрано, складирано, преработено, со нивни раце.

И кога се движиш по погоните и гледаш во тие работници, како посветено работат, колку грижливо лупат, мелат, пакуваат, месат, мешаат, разнесуваат, чинам најмногу можеш да ја почувствуваш големината на домашното и на нашето.

Самоосвестувањето сега, и само сега во време на криза, нема да им помогне на нашите производители и компании, ние сме им потребни постојано, да бидеме нивна поддршка, со тоа што ќе ги цениме, а потоа и ќе ги купуваме.

Зошто, ќе помине кризата и пак ќе ги заборавиме, такви сме ние, зарем не?

Повеќе го цениме туѓото, отколку своето.

Ние ги поддржуваме домашните производи, ги раскажуваме приказните и борбата на  сите нив, од најмалите до најголемите и од оние кои имале хоби па направиле компании, до оние поголемите, буквално во сите сектори и дејности.

А, за потсетување, имаме и сопствена кампања, во која убаво раскажуваме за важноста на купувањето домашни производи и влијанието кое го има за развој на нашите компании, вработувањето, раст и развој на домашната економија.

И честопати го слушам истото, многу оптимизам во муабетот, не било се така добро и позитивно, во реалната работа и во пракса. Да, зарем и може да биде во една ваква мала и кревка економија, кога сите се поврзани, испреплетени во деловно-роднински-инвститорски, државни-партиски релации. Секако, дека не може.Но, да го бараме повеќе доброто, отколку лошото. Да се обидеме, да ја промениме матрицата на нашиот колективен менталитет на самоуништување.

Едно е сигурно, а праксата тоа го потврдува, дека реалниот и искрен  пристап во муабетот, давањето шанса на секој претприемач, сопственик на бизнис, да ја раскаже својата приказна и да го каже својот став,искрено, без да се плаши, се почитува.

Колку и да личи тој муабет монтирано-оптимистички, луѓето повеќе сакаат да го слушаат она убавото, тоа им влева самодоверба, надеж дека може да се поправи барем нешто, ги активира да размислуваат, да креираат нешто ново. Во таа насока, ако покажеме доверба и ако пристапиме така и кон нашите компании, со оптимизам дека им веруваме, дека ќе ја надминат оваа голгота, а ние ќе им помогнеме со тоа што ќе ги купуваме повеќе нивните производи, ќе покажеме висока колективна свест.

Сега, последно и самите компании, притиснати од кризата, бараат од државата да спроведе кампања за купување македонски производи.Не треба ништо да се спроведува, таа треба да е дел од нашето живеење. Тие што се сеќаваат ќе посведочат дека таква кампања и постоеше. Ако ја вратиме меморијата, од почетокот на 2014 година,на фискалните сметки се воведе „македонското сонце“, симболот за купување домашни производи. Образложението при промените на Законот за стандардизација гласеше:„Воведувањето на овој промотивен знак за квалитет на извозните производи, но и за производите што ќе бидат пуштени на домашен пазар, ќе значи градење на национална препознатлива марка односно бренд. Со текот на времето производите треба да бидат препознатливи како на национално, така и на меѓународно ниво. Со ова би требало да се поттикне бизнис-заедницата да произведува што поконкурентни производи што ќе ги исполнуваат барањата за квалитет и безбедност и што ќе се пуштаат на пазарите во Македонија, во ЕУ и пошироко“.

Освен тоа, на секоја фискална сметка од тогаш,  стои логото, знакот и пораките за поттикнување купувањето на македонски производи, со цел се поддржи македонското стопанство. Тогаш беше речено, ова се промени кои се во насока на поддршка на користење македонски производи, бидејќи производството на македонски производи зависи од тоа колку тие  се користат во трговијата, колку се употребуваат. Потребно е да се поддржат македонските производи и да се даде поттик за нивно користење и секој на сметката да види колкав е нивниот промет, говореа тогаш.

Од тогаш до денес, со колку средства се помогнати домашните компании,треба да се праша секој сам. Бидејќи и сега ако се погледне во фискална сметка, се гледа дека стои знакот „Да купуваме македонски производи. За наше добро Made in Macedonia“.

Значи, се е до нас, до потрошувачот, до колективната свест да се почитува домашниот производ.

Но, зарем треба некој да потсетува, да го почитуваме своето.Зарем ни се потребни политики и партии, кои ќе потсетуваат за нашата национална вредност.Ако сме ги поддржувале повеќе и сме биле одговорни со купување на домашните производи, тие ќе биле посилни, ќе биле поликвидни, ќе можеле да генерираат средства за резервни фондови, за да може полесно да се справат со оваа состојба. Но, ќе речете, ништо немаше да ги спаси, кога сите светски компании се погодени. Ќе речете и да не биле толку алчни, ќе одвојувале од профитот и ќе го искористеле тоа сега, да не отпуштат работници и да не колабираат.Ќе речете и да не се оптоварени со безброј законски давачки, скапи кредити, неповолна бизнис клима, селективен третман,корупција итн., ќе биле поликвидни.Да, можеби е така и сите овие работи преку ноќ не е возможно да се променат.

Но, барем од оваа криза да излеземе посовесни како македонски потрошувачи, да покажеме дека ги цениме,ги перцепираме прво нив на сите рафтови во маркетите, па потоа го правиме изборот. Одберете го сами тоа што ќе го купите, но прво проверете што имаат да ви понудат домашните компании, потоа донесете одлука, што да ставите во потрошувачката кошница.

Има и светли примери, на оние кои постојано ги поддржуваат, но за жал малку.

Потврда дека сме со нашите компании, е следниот линк, како сведоштво каде сме биле, кому сме му дале шанса да ја раскаже својата приказна, во кои индустрии,земјоделски стопанства, сточари, фарми, мелници исл.и  со кои наши сопственици на бизниси.Но искрено, како вистинска поддршка, без да ни платат за тоа, да ги фалиме, величиме и да ја искривуваме вистината за нив.

Проверете, барем од љубопитност. Навистина, бројката е вредна за почит!

М-р Марија Георгиевска
Уредник и водител на емисијата за бизнис и економија ПРОФИТ