ОРГАНСКО ИЛИ ПРИРОДНО ВИНО

Постои голема дилема во винскиот свет околу квалитетот на виното. Дали домашното вино направено на традиционален начин е поквалитетно од комерцијалното или технолошко вино? Постои само квалитетно и неквалитетно вино. Таjната е во негата на виното, односно во почитувањето на неговите природни потенцијали. Сè друго е маркетиншки трик и незнаење, само доживувањето е валиден показател.
Во западниот многу поорганизиран систем на винската култура, веќе постои термин за „органско“ производство на вино, што апсолутно не се разликува многу од традиционалното. Поентата е во здравјето на консументот и нормално еколошка постапка за добивање здраво вино, наспроти маркетиншкиот свет на Француската винска комерцијала.
Но, да нема забуна и комерцијалното вино може да биде извонредно квалитетно и здраво и сосема да ја оправда цената од неколку стотини долари. Еве за што всушност се работи. Според некои проценки денес во светот се регистрирани околу 2.000 винарии кои се занимаваат со органско производство на вино. Европската Унија од неодамна ја регулира оваа категорија во правилник за да може на етикетата да стои „органско вино“.

Но, што е уште поважно за да може ваквото вино да содржи сулфити, што досега беше нешто незамисливо. Тоа зборува дека сулфитите не се штетни по здравјето и со правилник се дозволени во концентрација до 100 м.е. (мили единици) за црните и 150 за белите вина. Да речеме дека во комерцијалното производство концентрацијата на сулфитите се движи и до 350 м.е., а тоа овозможува мирисите и вкусовите на виното да траат подолго. Во САД е дозволено само 10 м.е. во литар кај органските вина.

Органско вино е производ кој се заснова на строго применувани натурални правила и прописи. Истото бара редовна контрола и правилна повеќегодишна имплементација за да се добие сертификат за органско производство. Исклучува употреба на хербициди, инсектициди, фунгициди. Можат да се користат само природни препарати . Ѓубрењето е исклучиво со арско и природно ѓубриво.
Во технолошка постапка е дозволена употреба на винобран, бидејќи неговото исклучување може да го промени виното до степен на слободни радикали во него, што е сосема спротивна тенденција од органското значење. Други поддржувачи, адитиви, бистрење и филтрирање не се дозволени. Квасци за ферментација се задолжителни, но без генетска модификација. Со други зборови се почитува природата во виното.
Група на производители отишла уште подалеку во производството на вина на природен начин. Нивната дружина се насловува како „биодинамски“ концепт. Ова производство уште е поригорозно во однос на условите бидејќи се потпира на екстремни еколошки услови и врз временските циклуси. Грозјето и виното го третира во зависност од месечевите мени. Значи освен природно спремени квасци од шират, го исклучува винобранот и сите сулфити, исклучува ѓубрење и заштита на лозата, туку само засилување на отпорноста на истата, не одобрува чистење на тревата, туку заедница и симбиоза на лозата со другите билки. Дури и орањето мора да се врши со добиток, а се избегнува и наводнување. Се разбира и приносите се помали, а негата на виното многу бара. За разлика од органското производство кое е природно, биодинмското производство е архаично, еколошко. Сепак нема јасни граници меѓу двете производства и главно е став на винарот за кое ќе се определи и колку. Во нашата земја само еден производител го добива виното на ваков начин.
Прашање е дали овие натурални, еколошки и органски вина се поквалитетни и повкусни од конвенционалните?!

Односот е 16 :14 за органското производство во организирана дегустација на „слепо тестирање“. Но, во однос на здравствените параметри и конвенционалните вина знаат да бидат исклучително здрави и сигурни доколку се запази сигурноста на технолошки пристап, додека пак некои еко–вина можат поради слабата заштита да бидат и тоа како нестабилни. Сепак еко–вината се поблагородни, лесни за пиење и поприемчиви за организмот на консументот .
За среќа, на Балканот, Пиринејскиот и Апенинскиот вински регион сé уште има традиционално производство на вино. Во суштина тоа е органско и еколошко. Квалитетот на вината е фантастичен, вкусот исто така не заостанува во ниту еден натурален сегмент, но во домашни услови имаме изменета слика. Конкретно во Македонија и јужна Италија за лична употреба сé уште се произведува вино на комиње.Тоа е апсурд на традицијата, бидејќи се користат секакви агрохемиски препарати за заштита на лозјата, а виното се прави на традиционален начин. Без употреба на винобран и преточување, во стари дрвени или пластични садови, тоа е природен дисбаланс. Ова доведува до заблуда и многу, многу штетни материи во чашата и стомакот на конзументот. Тоа нема врска со здраво, природно и еколошко вино какво пиеле нашите претци и по кое Македонија е препознатлив вински бренд.
Македонија може да биде носител на квалитетот на органското производство, зашто само 10% од севкупното производство на вино во светот го носи називот „органско вино“ на својата етикета.

СИТЕ ЕМИСИИ