ПОЛИНЕЗИЈА – КАДЕ ТЕТОВАЖИТЕ СЕ ПОГЛАСНИ ОД ЗБОРОВИТЕ
ЗНАЧЕЊЕТО НА ТЕТОВАЖИТЕ ВО ПОЛИНЕЗИСКАТА КУЛТУРА
Преку моите патувања Окулу Светот осознавав многу нови нешта и со секоја нова посетена земја малку се менував како личност. Во Полинезија дојдов со многу големи очекувања а си заминав со уште поголеми импресии… Култура, Народ каков што нема на друго место во светот!
А мојот истражувачки дух започна со восхитувањето од нивните тетоважи, каде и да одев, со кого и да разговарав сите имаа тетоважи и според гордоста со којашто ги покажуваа, можеше да се заклучи дека се многу битни за нив и секако еден од главните чинители на нивната Култура и на Мистериозниот Полинезиски Мир, па затоа решив да проучам што за нив означуваат тетоважите и каква улога имаат во Нивниот Живот и поразговарав со Џејмис Вебстер, од Полинезискиот Центар за Културa.
Цела Полинезија е позната по тетоважите, но најдобрите Татоо Мајстори во регионот и едни од најдобрите во светот се во Тахити. Всушност и зборот ТАТОО, произлегува од Полинезискиот збор “tatau “, и значи “да се пишува“.
Тетоважите се погласни од зборовите, дури и од некои дела, бидејќи остануваат со нас за цел живот, и во Полинезиската Култура заземаат значајно место посебно кај машката популација, тие се начин за покажување на својата гордост и симбол дека станале мажи.
ИНТЕРЕСЕН ФАКТ:
На мажите коишто немале тетоважа,
не им бил дозволен влез на племенските состаноци!
Барање на ТАТОО УМЕТНИК
Решив да се тетовирам во Полинезија и да направам една голема тетоважа, но не бев спремен да банкнотирам. Во Тахити тетоважите биле екстремно скапи, во најелитните Татоо Салони цените достигнуваат и до 4.000 долари за тетовирање на целата нога, додека тоа што јас го сакав, само рамо, е некаде помеѓу 800 и 1300 долари во зависност од Татоо уметникот.
Другарката сакаше мала тетоважа па иако сите беа пребукирани, брзо договори термин за 400евра. Но како поминуваше времето се загрижив дека можеби и нема да најдам слободен термин за прифатлива цена. Сепак имав среќа бидејќи локалците ме упатија кон најефтиното место за тетовирање – нивното локално пазарче и таму се запознав со локалецот со уникатно име ТОА..
Во многу земји во западниот, модерен свет тетовирањето е за декорација и е како модата, се менува низ годините. Додека од другата страна на светот, посебно во Полинезија тетовирањето има вековна традиција и има длабока поврзаност со нивната култура. Секој симбол има посебно, длабоко значење, и раскажува за предизвиците со кои човекот се соочил, што за него е најбитно, како и кои се неговите цели, визија…
Преку Тетоважите се поврзуваат со предците и веруваат дека СИМБОЛИТЕ им даваат можност да ги користат знаењата, моќта и мудроста акумулирана низ генерациите, и со за нив магичното мастило добиваат заштита од нивните ангели чувари кои ги чуваат од злите духови и животни неуспеси…
Процесот на Тетовирање
Најголемата разлика во процесот на тетовирање во Полинезија од остатокот на Светот е што вобичаено во Европа, одбирате одреден дизајн и знаете точно што ќе ви истетовираат на вашето тело, додека во Полинезија целиот дизајн на тетоважата е само во умот на татоо уметникот! Секако, тој зема во предвид некои нешта кои вам ви се допаѓаат, но разговорот главно е насочен кон што е битно за вас, кои се вашите цели, и што сакате да постанете во животот… …и од кога ќе се утврди местото на телото за тетоважата – почнува тетовирањето, каде пресудна, би требала да биде, довербата во уметниткот.
Набрзо дознав дека сум еден од ретките странци којшто се тетовирал на пазарчето, и брзо се раскажа приказната дека турист од Европа ќе плаќа со пари и патики, па се редеа локалци да видат дали мајсторот ТОА ќе ги заслужи патиките…
Во меѓувреме, другарката од Полска набрзина истетовира мала но преубава и интересна тетоважа кај еден од најпознатите Татоо уметници за 4ри пати поскапа цена! А за себеси, сепак морам да признам дека иако бев скептичен, анонимниот мајстор од пазарчето, со уникатното име ТОА одлично се покажа…
ЗНАЧЕЊЕТО НА ТЕТОВАЖИТЕ
Во полинезиската култура имаат симболи за нештата кои за нив се значајни, како симбол за МИР, СЕМЕЈСТВО, ХРАБРОСТ, АВАНТУРА, МУДРОСТ, ЈАЧИНА, ЗАШТИТА, ЉУБОВ… и тоа што е посебно интересно и што го прави тетовирањето за Полинезијците толку УНИКАТНО е фактот дека за нив ТЕТОВАЖИТЕ се на некој начин како заклетва дека ќе живеат според симболите кои ги имаат на телото!
Па така и јас истетовирав што за мене е битно, авантура, семејството, визијата за иднината, и симболи за 5те деца кои посакувам да ги имам…
Сигурен сум дека ќе имам уште неколку тетоважи во мојот живот, но посебно задоволство и чест ми е што првиот траен спомен има толку силно значење во мојот живот и што е од најмоќната и најсмирената култура на СВЕТОТ!!!