СИНИША НОВЕСКИ

Културно – информативниот центар во  Скопје во Салон Империјал 1, на втори март 2023, беше отворена изложба на скулптури од Синиша Новески под наслов “Фамилија“ во која авторот во разни тематски и стилски варијанти го негува фамилијарниот култ на човекот низ сензибилната претстава на телото и поттиците на внатрешниот живот.  Во изложбата „Фамилија“, секоја скулптура е одвоена сама по себе, заради тоа што секоја скулптура е во различен материјал и уметнички стил, има различна патина, форма и текстура. Фигуративната скулптура понекогаш е минимално стилизирана и се движи кон апстракција во стилот на кубизмот, симболизмот и надреализмот.

Едноставноста, рамнотежата и чистата пластичност на скулптурите, оставаат простор и за проширено толкување на неговите дела. Тоа се значајни квалитети во ова крајно вознемирено  време, полно со страв и неизвесност, време во кое секоја искра на човечност и позитивна проекција на складност и надеж во ликовниот израз, делува благотворно и за уметноста која ја изгуби аурата на емотивност и остана во просторот на својата површна провокативност. Материјалот и чувствата во делата на Новески се неодвоиви компоненти  во кои е содржана човечката искра на благост и блискост, но и на отуѓеност,  искажани со една непосредност или „изворна едноставност“. Во нив се препознава неисцрпната убавина на минатото – добра основа за наредните творечки истражувања и дела на уметникот, пишува  Владимир Величковски, во каталогот за изложбата.

Синиша Новески (роден на 6. септември 1978) е академски скулптор и педагог. Има повеќе од 20 скулптури изложени во јавни простори во Македонија, Србија, Бугарија и САД. Излагал на 20 самостојни и повеќе од 30 групни изложби. Член е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија како и на Друштвото на ликовни уметници од Македонија во Србија, во кое бил член на Управниот одбор од 2014 до 2022 година. Учествувал  во повеќе од десет ликовни колонии и симпозиуми и освоил исто толку награди како за сопствено уметничко творештво, така и за менторско-педагошко работење со студенти. По дипломирањето на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во како најдобар студент во класата по вајарство на професорот Васил Василев, во следните две години работел како асистент на еминентни скулптори Томе Серафимовски, Драган Попоски-Дада, и Никола Смилков. Титулата професор по уметност се здоби во 2004година, а од 2007 до 2011 година предавал ликовно образование во СОУ „Свети Наум Охридски“ во Македонски Брод. Магистерски студии на Катедрата за вајарство на Факултетот за ликовни уметности во Скопје ги завршил во 2011 година кај професор Жарко Башески. Синиша Новески живее и работи како самостоен уметник во Скопје.

СИТЕ ИЗЛОЖБИ