ЕКСПЛИКАЦИЈА

Проектот CV МАКЕДОНИЈА е димензиониран и естетски оформен да биде близок кон изразот на младата популација, која е и нашата примарна целна група.
Серијалот е замислен како своевидна авантура низ македонското минато. Авторот и водител арх. Вангел Божиновски е водач на експедицијата, во која учество ќе земат и неколку студенти и еден фотограф задолжен да ги документира настаните и артефактите за кои ќе се говори во овој серијал на кратки документарни филмови. Стандардната филмска екипа, исто така, го напушта просторот „зад камерата“ и преку интеракција со другите учесници и самата станува дел од оваа експедиција.
На тој начин, податоците во секој од документарните филмови ќе се изнесуваат во форма на активен дијалог помеѓу учесниците, што дополнително ќе придонесе кон возбудливоста на овој серијал.
Уште една причина за ваквата постапка е и идентификацијата и интимизирањето на публиката со останатите членови на екипата, кои се лаици исто како и гледачот.
Големиот број на учесници дава и можност да се отвори и поширока дискусија на самата локација, да се изнесат повеќе различни ставови и размислувања.
Освен нив, присутен ќе биде и гласот на Нараторот, кој со свој коментар ќе го надополнува дејствието и ќе изнесе дополнителни информации за секоја од темите.
Посебен куриозитет на овој серијал е и учеството на над дваесет експерти и авторитети од областа на археологијата, етнологијата и историјата, кои ќе дадат сопствен придонес кон расветлувањето на историјата на народите и цивилизациите кои живееле на овие простори.
Со помош на ваквиот авантуристички и истражувачки пристап, како и преку слободниот начин на изразување, ќе се обидеме да го направиме серијалот позабавен и да ја избегнеме стереотипноста што ја предизвикуваат клишеата при продуцирање на документарци со слична тематика.

Проектот ќе се одликува со висок степен на визуелна атрактивност. Покрај стандардната филмска екипа и технологија, поради атрактивност и евидентирање на археолошките локалитети ќе се користат и снимки направени од теренски возила, хеликоптер или авион, кои се дел од техничката опрема која ќе се користи при изработката на документарните филмови од серијалот.
Исто така, поради подобра илустрација, во реализацијата на овие документарни филмови ќе се користат и помошни средства како што се макети, реконструкции, цртежи, анализи и артефакти.
Освен со неконвеционалната камера и начин на снимање, проектот CV Македонија ќе се одликува и со динамична монтажа, која ќе придонесе кон градењето на ритамот и темпото кои ќе го држат вниманието на гледачот до самиот крај.
Уште една од спецификите на серијалот ќе биде и модерниот графички дизајн и пост-продукција на материјалот. Покрај големиот број на графички прикази и анимации, преку кои ќе се прикаже споредбата на археолошкото и историско богатство на Македонија со европското и светското богатство од истите периоди, во голема мера ќе се користи и техниката на поделени екрани кои ќе понудат истовремено следење на повеќе настани.
Музиката е уште една значајна компонента на овој проект. Таа тука ќе има за задача да ја надополни целокупната аудио-визуелна слика, да ја поткрепи атмосферата и да придонесе кон градењето на драмското дејствие.