НАЈСМИРЕНАТА КУЛТУРА НА СВЕТОТ

Која е најголемата територија на којашто живее една култура на луѓе?
Многумина ќе помислите во Азија мислејќи на Кина или Русија, некои ќе кажат можеби Европската Култура или Северно Американската, но тоа е така бидејќи ние луѓето коишто сме израснале на континенти кога ќе кажеме територија мислиме само на копно.

СЕПАК, Најголемата територија на една култура претставуа полинезискиот триаголник кој се простира на над 25милиони квадратни километри исполнети со острови и мориња.

Преку моите патувања Окулу Светот осознавав многу нови нешта и со секоја нова посетена земја малку се менував како личност. Во Полинезија дојдов со многу големи очекувања а си заминав со уште поголеми импресии… Култура, Народ каков што нема на друго место во светот!

ДОБРЕДОЈДОВТЕ ВО РАПА НУИ
А за најдобро да ја претставам Уникатната Полинезиска Култура го одбрав најизолираниот остров на Светот Исла де Паскуа или таканаречениот Рапа Нуи. Тоа е еден од најуникатните острови на целиот свет, тоа што го прави ова место уникатно е неговата местоположба, најблиското населено место со само 50тина жители е Питкерновиот Остров на одалеченост од над 2.000 километри! Со други зборови за да стигнете на Рапа Нуи, мора да сте тргнале кон Рапа Нуи, не може да сте случјано на поминување, на пример островот е одалечен 3.500 километри од Чиле во Јужна Америка, над 6.000 километри од Северна Америка, над 9.000 километри од Австралија! НАВИСТИНА НАЈИЗОЛИРАН!

Два цели дена имавме за истражување на прекрасниот Остров РАПА НУИ, кој е прилично голем па најпрвин избравме превозно средство со коешто се ќе ни биде достапно.

Моторите или поточно “кватовите“ се покажаа како одличен избор, бидејќи навистина имавме убава можност секаде да стигнеме за многу брзо време, но исто така вистински да уживаме во природата!

Додека возевме не ми се веруваш дека сум на Рапа Нуи. Еден од моите најомилени филмови како дете ми беше токму истоимениот филм снимен во 90тите.

линк од трејлерот на филмот:

Уникатноста на островот доловена во филмот, од секогаш ме оставала во неверување за тоа каква моќна локална култура се крие на овој мистериозен остров и сега конечно имав можност, сам да истражувам.

Сепак да се вратам јас на моето лично запознавање со островот и со локалците. Ја имав честа да си направам муабет со позитивниот коњар Луиз, тој е родум од ОСТРОВОТ, во неговиот живот бил неколку месеци во Чиле, и на кратко бил во Соединетите Држави но се вратил во Рапа Нуи и по неговите зборови нема намера никогаш повторно да го напушти островот, нема да го напушти Рајот!

Иако се знаевме само неколку минути позитивниот домаќин покрај тоа што ми дозволи да го имам првото јавачко искуство во мојот живот, се обиде да ме научи и неколку зборови на Рапа Нуи јазикот.

Рапа Нуи е всушност автохтон јазик и спаѓа во семејството на Австронезиски јазици. Има големи сличности со повеќето јазици од Полинезија но има и свои уникатни карактеристики. Додека во последните децении има многу нови примеси од Англискиот, Францускиот и посебно Шпанскиот. Всушност Шпанскиот е и официјален јазик на островот.

Убавините на Островот ме освоија и со нетрпение очекував да се сретнам со прочуените но мистични статуи МОАИ. Почнав да се загрижувам што и после долго возење сеуште ги немавме видено уникатните статуи Моаи, и во тој момент конечно ги здогледав статуите кои ја симболизираат неверојатната силна верба на РАПА НУИ КУЛТУРАТА.

Моаите се статуи кои луѓето од Рапа Нуи ги граделе за да ги задоволат своите Богови и Статуите биле поставувани на најразлични стретешки точки на островот и вкупно 887 Моаи го изоделе патот до своите вековни дестинации и го прават Рапа Нуи најуникатниот остров на Светот а неколку од нив изоделе и до Анакена преубавата, најпознатата и најпосетената плажа на островот.

ДОБРЕДОЈДОВТЕ НА ОСТРОВОТ НА МИРОТ

Скоро секогаш преку локалците доаѓав до нови сознанија, но и се здобивав со вистинската слика за местата кои ги посетуват… И од сите луѓе кои ги запознав во Рапа Нуи најдобро би можел да се одслика неверојатниот смирувачки дух на островот преку разговорот со локалката Кика…

На овој остров секој има повеќе време за семејството, но и повеќе време за себеси! Ги нема вобичаените модерни дистракции. Но кога сме сами со себе тогаш вистински согледуваме кој сме како личности, дали имаме нервоза, негативна енергија, нетрпеливост или пак имаме спокој, радост, задоволство и МИР…

Како што за Полинезијците пред многу векови овие острови биле неоткриени, така за многу од нас, вклучително и за мене оваа прекрасна култура на луѓе беше неоткриена. Јас целосно се фасцинирав од нивната смиреност, вистинско живеење во сегашниот момент, чуството на емпатија, дарежливост, недискриминацијата, љубопитноста кон светот но и ценењето на тоа што го имаат. Ако би можел некоја животна лекција да земам со себе од Рапа Нуи Културата тоа би било да целиме кон поедноставување на животот и без разлика на околностите да најдеме време за себе и секогаш да го цениме тоа што го имаме, бидејќи само на тој начин ќе дојдеме до ХИПНОТИЗИРАЧКИОТ МИР КОЈШТО ЗРАЧИ ОД ПОЛИНЕЗИЈЦИТЕ.

*ИНТЕРЕСЕН ФАКТ:
Инаку Островот Рапа Нуи има мала сличност со Македонија. Низ светот е познат најчесто како Великденски Остров само поради фактот што кога Европејците за прв пат го откриле за нив овој остров тоа било на Великденското Утро во 1722 и Холаднскиот Капетан Јакоб Рогевен во име на празникот неговото “откритие“ го нарекол Великденски Остров. Претпоставувам дека гордиот Европски освојувач Јакоб не бил свесен во тој момент дека локалците биле експерти морепловци и го откриле истиот остров 1500 години пред него. Но тоа што за мене е интересно е дека локалците нити тогаш ниту сега дозволуваат да бидат дефинирани од другите. Они се сметаат себеси за посебни, за Рапа Нуи, за најхрабрата култура на луѓе којашто прва успеала да открие дотогаш за човекот неоткриени простори. И покрај тоа што имаат чилеански патни исправи, тие не дозволуваат да бидат наречени Чилеанци или Великденски Остров, тие биле и ќе останат Рапа Нуи.