ЦЕЛ НА ПРОЕКТОТ

Македонија е едно од најбогатите археолошки наоѓалишта на Балканскиот Полуостров и без нејзините артефакти не би можела да се комплетира историјата на Европа и на светот. Нејзините културни слоеви се богати со остатоци од материјална култура кои датираат некаде од 7000 – 6000 год. п.н.е. па сé до денес.

Според анализите направени во последниве десет години, интересот за минатото на Македонија во светот, а особено кај нас е во постојан пораст. Свртувањето на вниманието на јавноста кон археолошките истражувања, предизвика и посериозни инвестирања во оваа област. Како резултат на тоа, Македонија во последниве неколку години е земја која предизвикува сé поголем интерес кај стручната светска јавност.

Откривањето на Адам од Македонија, дешифрирањето на Каменот од Розета, дешифрирањето на предисториското писмо, основањето на Светскиот Центар за карпеста уметност и Светскиот Центар за Неолит, беа настани кои одекнаа и ја востоличија Македонија како археолошко – историска енигма во Европа.

Токму затоа, со право се очекува овој документарен филмски серијал да ја зацврсти навестената позиција на Македонија како „центар и праизвор на европската култура“, според зборовите на францускиот археолог Д-р Катрин Коланж.

Примарната цел на овој проект е пред пошироката јавност да биде претставен цивилизацискиот придонес на Македонија од периодот на неолитот па сé до 19 век.

Исто така, особено е важно да го промовираме и македонското културно наследство и богатство, да ги откриеме тајните на народите кои ги населувале овие простори и да дадеме мал придонес во промовирањето на брендот Македонија.

Покрај едукацијата за нашата сопствена историја, уште една од целите на документарниот серијал CV Македонија е и да нé направи свесни и горди на нашето потекло и клучната улога во историјата на европската цивилизација.

Очекуваните резултати се во согласност со однапред поставените цели на овој документарен филмски серијал.

Тие се во насока на запознавање на гледачите со недоволно расветлените настани и периоди од историјата на Македонија, запознавање со остатоците од културното наследство на наша почва, зајакнување на чувството на национална припадност и гордост кај македонскиот народ, како и подигнување на свесноста за нашето значајно место во историјата на европската и светска цивилизација.

Исто така, се надеваме дека овој документарен серијал ќе поттикне поширока дискусија и полемика кај стручната јавност во земјата и светот, од која треба да произлезе иницијатива за преиспитување, верификување и понатамошно истражување на изложените податоци, кои би резултирале со создавање на една нова, ревидирана и дополнета Историја на македонскиот народ.