ФОРМА

Од сите форми на светот, можеме ли да ја пронајдеме идеалната која комплетно ќе го задоволува нашиот вкус, нашата потреба, нашата есенција, нашата естетика, од длабочина и мудрост. Да!
Само ако им ја отвориме портата, тие со будат од нивниот вековен сон и ако сме подготвени и тие ќе се представат со сите убавини, кои ги собрале по пат.
Влегуваме !

Формите кои ги создала природата се бесконечни, создавајки ги постојано како совршени екстракти, произведени од фантазијата на Бог. Тие се тука да нѐ смират, да нѝ го облагородат духот, да нѐ наполнат со убавината и мирот кон кој сите тежнеат.

Но, уметноста…тоа е душата на сите светски богови на едно место, во исто време.

Од милјардата форми, кои ги создала природата или уметникот по примерот на природата, имаме ли право да не размислуваме за оние форми кои содржат неубава материја или потенција? Значи, имаме ли право да ги отфрлиме сите ментално сиви форми кои уништуваат, за да им се посветиме на формите кои го благородат духот?

Некој од теоретичарите на уметноста, еднаш напиша и му се забележа за пренагласеност: „Природата само ползи кон убавото, додека уметноста ја живее убавината.“

Или пак, може да важи и сосема обратната теза на стариот Платон, дека природата е сенка на идеите од совршениот свет, додека уметноста е сенка на сенките.
Но, со индивидуалното право на еден искрен уживач во уметничките форми, смееме ли да ја прогласиме убавината на уметноста за идентична на природата?
Во неа ја има и вселената и ретките примероци на добрите луѓе.
Во еден Аполон, Давид, Венера или во било кој митолошки Бог созаден од уметникот и познавачите и оние кои за прв пат ќе ги запознаат, барем за миг ќе ја почувствуваат ништожноста и неважноста на државата и малите ситни амбиции и ќе го почувствуваат парчето од вселената, вистинскиот Бог.

Убавите форми, оние вистинските за нас, се на дофатот од нашата дланка. Како што е вистинската статуа на мислителот Буда, така и подарокот од патувањето на нашата пријателка, кој во себе ја има душата и сите добри желби на човекот кој ја направил, заедно со сите добри мисли на тој што ни го подарува.
Заедно со здивот на космосот, кој секогаш е тука, чекајки да го забележиме.

Вечно да живеат сите форми кои нѐ воодушевуваат, кои нѝ го формираат расположението и нѐ прават едноставно посреќни и исполнети!

СИТЕ ЕМИСИИ