Зборот молитва, самиот по себе, без нужно продлабочување, зрачи со мир, желби, трпение, исполнување.
Молитвата е израз на лични потреби со обраќање кон повисоко суштество.
Молитвата е барање нешто за себе: ритуал кој постои, откога постои и човештвото.
На почетокот, тоа значело молење на вселенската интелигенција за полесно прилагодување на природата и подобри услови за живот. А потоа, молитвите му служеле на човекот за читење на душата, барајки прошка за неговите злодела или разни поместувања од вистинскиот пат.
Молејки се, човекот надвор од себе го „вади“, она што му е потребно за смирение или за утеха.
При тој ритуал, човекот впива позитивни чувства испратени заради молбата, кои се предизвикани, дали од објектот пред кој се молиме, дали од моќта на светите предмети или пак, од самиот процес на навлегување со себе сѝ.
При чинот на молитва, го молиме небото за прошка на гревовите, верувајки дека тоа ќе нѝ ја утеши душата.
За потребите на душата размислуваа: Платон, Демокрит, Емпедокле кои ја разгледуваа можноста, да ја разберат нејзината суштина. Платон велел дека постои хиерархија на идеи, на чиј врв се наоѓа врховната идеја–Бог.
Во вистинската молитва, големите луѓе-луѓето на верата, му се обраќаат на Бога не само за лични цели, туку за нешта кои ги допираат сите луѓе: Мир, љубов, почит, мудрост, совест, благосостојба, среќа…
Сите овие нешта постојат во нас, но ние понекогаш забораваме да се однесуваме со љубов кон другите и од невнимание го загадуваме нашиот живот со лоши мисли и постапки.
Божјата молитва се наоѓа во нашите срца. А, ако барем малку се потрудиме да ја чуеме, тогаш нашиот живот ќе почне да се движи по патот, со срце.Тогаш и нашите молитви ќе бидат чуени. И тогаш, можеби Бог ќе биде задоволен од своите чеда.