Неправдата има свои степенувања. Највисок степен на неправдата е заборавот. Уште повисок од тоа е кога ќе те заборават твоите. Македонија доживеа генерациите од втората половина на 20 век да заборават на 90% од нејзината славна историја.
Кога ќе ја погледнеме досега единствената издадена службена Историја на македонскиот народ, ќе видиме дека таа се протега на три тома од по околу 330 страници на кои е опфатен временски период во траење од десет илјади години. Секако, тоа е убава бројка. Меѓутоа, ако малку повеќе се задлабочиме во оваа книга, ќе ја уочиме чудната распореденост на настаните и делата кои го одбележаа времето на нашите претходници.
Имено, во првиот том од книгата се содржани 9900 години од историјата на македонскиот народ, во вториот том 100 години, а последниот том е посветен на само 27 години од нашата историја.
Значи, густината на информациите за времето, делата и животите на нашите предци главно е насочена кон средината на 20 век, односно на годините околу Втората Светска Војна.
Повеќе од очигледна е огромната празнина во нашето сеќавање за тоа што нашите древни предци го создале во далечното и славно македонско минато.
Факт е дека ние, денешните Македонци, знаеме за нашите претходници, нивниот начин на живеење, делата и градбите пред 19 век толку малку, што не можеме да врземе ни неколку прости реченици.
Овој податок е фрапантен, страшен и вџашувачки, но нема место за паника. Во Македонија постои сé освен заборав. Оваа македонска почва, со нејзината мудрост и сеќавање умее да не потсети дека е лулка на светската цивилизација. Дека најкрупните историски настани, кои се цивилизациски важни за целата земјина топка, се одигрувале токму во оној период за кој ние најмалку се интересираме и најмалку знаеме.
Токму од овој недостаток на информации за македонското минато произлегува мотивот и потребата за реализација на проект каков што е CV Македонија.
Проектот е замислен како серијал од кратки документарни филмови во траење од 12 до 15 минути, чија тема ќе биде животот на овие простори од периодот на неолитот (младо камено доба), па сè до деветнаесеттиот век од Нашата Ера.
Секое од продолженијата ќе обработува засебна тема .
Екипата на овој серијал, под водство на нашиот познат архитект и истражувач на македонското културно наследство арх. Вангел Божиновски, ќе се обиде да даде едно ново, алтернативно читање, преиспитување, реинтерпретирање и дополнување на подалечната историја и генезата на нашиот народ.
Освен авторот и водителот Божиновски, како гости во серијалот ќе земат учество и повеќе од дваесет експерти и авторитети од областа на археологијата, етнологијата и историјата како што се: Паско Кузман, Васил Иљов, Ангелина Маркос, Ристо Ивановски, Катрин Коленж (Француски кралски институт), Ташко Белчев, Одисеј Белчевски, Драги Митревски, Аница Георгиевска, Веле Алексовски, Душко Алексовски, Марика Василева и други.
Серијалот ќе биде снимен на повеќе од 100 локации низ државата и ќе изобилува со, за многумина непознати и интересни податоци за нашите предци, податоци за тоа како биле организирани, каква била нивната исхрана, облека, архитектура, уметност, комуникација, религиозни обреди. Ќе видиме и од што се плашеле нашите предци, но и на што се радувале, како заработувале, како размислувале, какви имиња имале и многу други информации кои ќе побудат интерес кај пошироката јавност во нашата земја, а и пошироко.