ДЕТСКИ МУЗИЧКИ ФЕСТИВАЛИ / ЗЛАТНО СЛАВЕЈЧЕ
Во организација на Сојузот за грижи и воспитување на децата на град Скопје, на 23 мај годинава се одржа првиот фестивал на детски забавни песни од македонски автори и на македонски јазик”….Оваа информација објавена во дневнио весник ,,Нова Македонија” пролетта 1971 година, го обзнани раѓањето на нашата најстара и најомилена музичка манифестација за деца во нашата земја ,,Златно славејче”. Една благородна идеја стана стварност.
Оттогаш секој ноември, во рамките на одбележувањето на роденденот на слободата на нашиот град Скопје, 13 ноември, во изминатите години прозвучуваше детската песна за да ја одрази и изрази радоста на најмладите, нивната љубов кон татковината и кон се што е мирољубиво во светот, нивните игри и први љубовни трепети; љубовта кон книгата-тој сончев храм на знаењето итн. И така, од година во година, фондот на песните се зголемуваше и на тој начин полека но сигурно се пополнуваше една голема празнина која се чувствуваше насекаде, но најмногу во наставата. Песната на мајчиниот јазик децата ја прегрнуваа во своите срца како прекрасен подарок на плејада композитори, поети, аранжери, диригенти. Се менуваа диригентите, сценаристите, исполнителите….но нешто остануваше непроменето. Решеноста да се истрае во определбата – на најмладите да им се подари песна едноставна, певлива, прифатлива за нивната возраст. Затоа ,,Еј, гулаби, бели”, ,,Дувна ветре развигорче”, ,,Ми подари птицата песна”, ,,Кајче”, ..Ех, тој Тоше”, ,,Мојата учителка”, ,,Никола, Никола” и многу други се пееја на роденденските забави, во предучилишните установи, во училиштата и во центрите за детско културно творештво, во детските одморалишта…секаде каде растат, учат и се дружат.
Денес со нескриено задоволство можеме да констатираме со продукцијата на повеќе од седумстотини композиции, со својата уметничка и воспитно-образовна функција, Фестивалот ,,Златно славејче” стана реномирана културна институција и достоинство на македонската култура. Ентузијазмот на стотици уметници и активисти, облагородени од магијата на песната, придонесе Фестивалот ,,Златно славејче” да израсне во музичка манифестација, масовно прифатена не само од најмладите, туку и од сите љубители на песната. Оттаму и искрените честитки на организаторот – Сојузот за грижи и воспитување на децата на град Скопје и на сите кои на еден или на друг начин се вградуваа во секоја песна, во секоја фестивалска изведба. Со посебен респект го истакнуваме непроценливиот придонес на еден од главните творци на ,,Златно славејче”-композиторот и диригент Александар Џамбазов, уметнички директор.на фестивалот.
,,Златните славејчиња” во изминатите четири децении летаа и пееја и надвор од нашата земја, исполнувајќи ги со радост и топли чувства срцата на децата од целиот свет. Во Скопје, заедно со нашите, пееја ,,славејчиња” и од други земји во светот, со што нашиот фестивал е дел од светската култура. Тоа е обврска повеќе за сите нас меѓународниот лет на ,,славејчињата” да го продолжиме, на радост на најмладите и како потврда на нашето високо уметничко ниво.