КАМЕН

Кога ќе се сетиме дека ние, најсупериорното мислечко живо суштество на планетата Земја, сме само логичка, речиси најништожна последица на природниот процес на вселената, најчесто нѝ е мило да тврдиме дека се сомневаме во теоријата на нашето пред-постоење.

Нашата висока самосвест и храмот-нашето его, ќе бидат сериозно загрозени, токму поради тоа што најлесно нѝ е да мислиме дека сме се создале сами од себе, дека можеме да управуваме со природата, дека сме најмоќни… Можеби ДА, но во деструктивната моќ.

Решението за оваа не-добредојдена мисла е тука, пред нас.Потребно е само да го посакаме и да ги отвориме нашите очи, нашите интелектуални очи, за природата која нѐ опкружува.
И мудреците пред нашата ера и овој овдешен современ човек, барем еднаш во животот се запрашале: „Што е тоа вечност ?“
Во најамбициозното ангажирање на сите ментални капацитети, ќе се обидеме да дојдеме до одговор, кој ќе се појави како резултат на нашата фантазијаили како резултат на развојот на физиката.
Сепак, наједноставно е вечноста да ја пронајдеме во некоја од формите на природата, овде, меѓу нас.
Би можел ли тоа да биде каменот?
Каменот како асоцијација на спокој, достоинство, непроменливост.Како пат кон вечноста.

Можеме ли да го видиме каменот како симбол на цврстината на целиот свет, како столбот на кој се потпираме, како компактноста на движењето на вселенските тела…како материјалниот принцип на светот, наспроти водата како духовен…?

Или пак, како патот, кој сме го нацртале и повторно го цртаме?
Можеме ли во едно камче, кое сме го зеле како сувенир од излетот на блиската планина или езеро, да ја препознаеме магиската моќ на универзумот?
Моќ која ја содржи сета мудрост, која нѝ покажува дека вечноста може и да ја заслужиме, ако се предомислиме и ако почнеме да веруваме во природата и нејзините правила.
Се сеќаваме ли дека алхемичарите, многу одамна, сакајки да го откријат каменот на мудроста, која требаше да му помогне на светот да биде умен и морален, не успејаа, но, го открија златото како материјален принцип, кој го движи светот.

Се пишуваше на камен наместо на хартија.Првото тркало беше од камен а првите искри на уметноста беа издлабени во карпите.
Олимпискиот бог Аполон, симболот на светлината и разумот, беше отелотворен во камен.

Но, дали поимот вредност, престана да важи со розевите, црвени, сини и бели камења, со кои се потврдува нашата социјална надменост и женска убавина?

Само да не заборавиме и да не го злоупотребиме поимот камен, тогаш кога не сме го научиле тоа што се бара од нас или во слава на Дионис, тогаш кога неразумно се консумира алкохол.

СИТЕ ЕМИСИИ