Утопија или реалност
Зборот солидарност секојдневно циркулира во јавноста, на социјалните мрежи, од државата, во стопанството. Да покажеме солидарност, да излеземе од кризата. Но, во што се состои економскиот дел од приказната за солидарност и зошто е толку важен да го согледаме? Ова е вистинското време да зборуваме за економијата на солидарност, а домашните компании да разберат дека можат да се спасат едни со други на реалниот пазар преку ваква солидарност.
Дали претприемачите, сопствениците на бизниси ќе покажат свест да се поддржат, да се солидаризираат едни со други, се чини неверојатно за нашите простори. Но, да не заборавиме дека спасот лежи во нас самите, да се свртиме сите околу нас, зошто сега сме сите тука, дома, нема каде надвор. Затоа да бараме начин за намалување на штетите тука, помеѓу компаниите и потрошувачите.
Одговорноста е на сите – колективна.
Стои и прашањето, дали потрошувачите ќе покажат свест и ќе купуваат домашни производи? Се е во нас самите, како ние ќе се насочиме на патот кон спас на домашните фирми и економија. Или пак, ќе бараме начини да заобиколиме нешто, да го одбегнеме она што е наше, одејќи по онаа познатата, „нека пропадне, така му треба“. Зошто да не подадеме рака? Имаме ли друга опција? Радува кампањата за спас на туризмот, „Дома си е дома“.
Времето ќе покаже кога ќе се отворат границите, кој како ќе постапи, кој каде ќе замине, дали по нашите туристички места, езера, планини или ќе се направат нови конвои на граничните премини кон соседните земји. Но, да не заборавиме, тогаш нив ги помагаме, а ние пропаѓаме.
Паралелно со оваа, туристичката, треба посилна кампања и за останатото, за секој производ и услуга што произлегува од фирма од домашното стопанство, но постојано, не само наменски, додека трае кризата. Некои држави од регионот веќе имаат такви кампањи, а вообичаено и пред кризата ги имаа, а и нашите стопанственици го побараа тоа. Исто така, солидарноста е потребна и во другиот сегмент од приказната за овој вид пристап кон економијата – можеби најчувствителниот за нашето стопанство – наплатата.
Солидарноста треба да се покаже и во должничко-доверителските односи, да си платиме едни на други и да обезбедиме прилив на пари. Затоа што, ако ти платиш, ќе ти платат и тебе, и така сè во круг. Кога ќе разбереме дека нема да сме помудри ако го одолговлекуваме плаќањето кон деловните партнери, кон фирмите. Напротив, ќе бидеме несолидарни и ќе придонесеме да се влоши состојбата во фирмата, кај вработените, нивните семејства итн….
Кога ќе најдеме доблест да си помагаме едни на други како компании?
Се чини, треба уште многу четива за солидарноста, во секоја смисла, на овие простори. Економија на солидарност, тоа е она што може да ги извлече од кризата претприемачите и сопствениците на бизниси. Тоа го велат и многу успешни претприемачи од регионот. Оваа криза, многу повеќе од било која претходна теорија, лекција или став докажаа дека мора да се свртиме кон своите национални ресурси, компании, работници.
Тоа е најголемата сила, да се свртиме кон сè она што сами можеме да го произведеме, направиме, пласираме на пазарот, но и да купиме од домашните производители или даватели на услуги. Бидејќи, во вакви услови, глобалното стопанство, не може да помогне и да спаси една држава од криза, тоа се докажа сега. Затоа, да работиме на себе, да ги надминеме личните пречки, суетата, и да го достигнеме нивото, како едни на други да станеме првите, најдобрите и најпосакувани деловни партнери, клиенти и купувачи.
На удар сме сите, затоа треба да учиме брзо и да делуваме веднаш, да купуваме локални производи, да користиме локални услуги. Во вакви околности, да дадеме се од себе, за што повеќе пари да „свртиме“ на домашниот пазар. Тогаш ќе речеме дека покажуваме солидарност, тогаш ќе воспоставиме економија на солидарност и ќе создадеме меѓусебна потпора, која ќе ни помогне да испливаме од оваа тешка состојба. Можеби, најголемата добивка за сите ќе биде што ќе успееме да го пронајдеме во нас она што било заборавено, да бидеме заедно и во добро и во лошо. Да се свртиме кон локалната заедница, во која делуваме, живееме и работиме, да ги пронајдеме своите деловни партнери, клиенти, купувачи и да бидеме сложни, во процесот на излез од оваа тешка криза.
Сега е вистинско време да се преструктуираат компаниските редови и со заедничка потпора да дојдеме до решение. Така ќе покажеме дека сме го положиле колективниот испит на солидарноста. Бидејќи, минатото покажува дека нашите компании од повеќе сектори, имаат проблем кога треба да се здружат и да се организираат за заеднички излез на странските пазари.
Пропаѓаа соработки, извози, шанси, од кои губат тие, губи извозниот потенцијал, губи девизниот прилив, губат македонските производи. Затоа, во овој момент, да направиме промена. Иако, во овие тешки мигови, бизнисите мораат да наоѓаат начини да го одржат својот опстанок, нека не забораваат дека и ова со солидарноста е еден од начините што ќе помогне да се одржи бизнисот. Особено, со преструктурирањето на своето работење насочено повеќе кон локалната заедница, локалните потрошувачи. Така, со направените промени на колективно ниво, и со она што може да се направи со сопствените капацитети, заедно со она што го прави и државата, ќе се зголемат шансите за излегувањето од кризата.
Новото организирање на стопанството, базирано на националните ресурси и на капацитетот на домашните компании, може да биде нашето ново посветло утре, кое ќе донесе поголеми резултати за сите и крајно, ќе не потсети дека сме ја научиле лекцијата за солидарност. За жал, требаше криза за да ја учиме оваа заборавена лекција. Но, никогаш не е доцна, бидејќи секој што сака да оди напред, учи цел живот.
Проверете, барем од љубопитност. Навистина, бројката е вредна за почит!
М-р Марија Георгиевска
Уредник и водител на емисијата за бизнис и економија ПРОФИТ