ВЕЧНА ДИЛЕМА – МАРКЕТИНГ ВО ВРЕМЕ НА КРИЗА

Да ја повториме лекцијата, бидејќи имаме уште една криза.

Нова криза, старата дилема. Дали да се вложи во маркетинг кога е криза ? Дали да се елиминира таа ставка, која се уште за жал, се смета за трошок на компаниите и најлесно е да го намалат тој трошок.

Колку е оправдано?

По сите совети на специјалистите за маркетинг и консултантите, во време на криза маркетингот е задолжителен и не смее да се запре процесот на промоција на производот, услугата, брендот. Тоа е погубно и ќе го исфрли бизнисот од пазарот многу брзо. А, конкуренцијата, ќе биде најсреќна, зошто само тоа го очекува и посакува.

Дали вие го посакувате тоа, како компании кои сте се бореле и поминале низ сите голготи.

Треба да се размисли.

Што се добива, а што се губи ?

Не штедете за маркетинг !

Бизнис консултантите велат: Довербата е клучна. Кога ќе се стекне доверба за компанијата, тогаш е нешто сосема друго. Маркетингот треба да биде во насока на стекнување доверба. Купувачот дава пари за производ или услуга на компанија на која и верува, на компанија која е квалитетна и посветена во своето работење.

Потребно е да се ревидираат стратегиите, да се види дали производите или услугите, онакви какви што се, и понатаму се потребни на пазарот и дали се во чекор со потребите на купувачите и трендовите.

Да се анализира, да се работи тимски, да се вложува во маркетинг. Да се продолжи со градење и одржување на брендот, зошто вакви потреси на пазарите, ги селектираат добрите компании и оние кои работеле истрајно на својот бренд. Да не се запира, да се комуницира со клиентите и добавувачите, да се вложува во маркетинг. Да се прилагодат маркетинг стратегиите на новите промени, во самиот маркетинг, со силен акцент на онлајн промовирање, во сите негови форми и облици.

Уште нешто од консултантите, како потсетување:

„Повеќе од било кога излогот од вашите компании се наоѓа на телефоните. Затоа, маркетингот е инвестиција и помош на продажбата. Ако сакате да станете бренд, морате да се рекламирате, што поголем број на луѓе да знаат за вас. Како некој ќе знае за вас, за вашата компанија , за вашиот производ, за тоа што го нудите, ако не се рекламирате“, вели Индира Попадиќ, бизнис консултант од Нови Сад.

Трендовите се менуваат. Денес, паметните технологии многу помагаат. Треба да го искористиме тоа. Но, со добро осмислен маркетинг. Тогаш, секоја компанија сигурно ќе го унапреди работењето, сигурно и ќе ја зголеми двојно продажба. Но, тоа значи и да се зголемат компаниските активности, дури и да се триплираат. Не, во смисла да се заврши кампања или маркетинг и да се запре. Напротив, да се продолжи, да се работи постојано. Зошто, мора да се одржува постојана комуникација со купувачите, да не се губи врската со нив, бидејќи ако компанијата не успее да постигне и емотивна врска, купувач – производ- бренд, помали се шансите за успех и зголемување на продажбата.

Едно е потврдено, маркетингот е задолжителна активност во време на криза, прилагоден на состојбите и можностите, добро осмислен.

Од секогаш се чудни и неиздржани одговорите на менаџерите и сопственици на компании, во однос на одбегнувањето на маркетингот. Во смисла, „ не можеме сега, многу тешко оди, немаме средства за маркетинг“. Ако се следат активностите на многу компании, лесно ќе се воочи дека, доколку се направи реорганизација и селекција во некои трошења и преземени чекори, ќе имаат пари и за маркетинг. Иако, буџетот за маркетинг не треба да биде со некои суми кои ќе бидат скромни и нема да дадат простор на маркетинг секторот да ја одработи успешно работата, зошто „рацете им се врзани“, туку буџет кој се одредува врз основа на маркетинг стратегија, направена со претходна анализа на пазарот и компанијата. Маркетинг, планиран за повеќе медиуми, повеќе канали за комуникација и маркетинг кој има континуитет.

Не само маркетинг на социјални медиуми, зошто е најевтината варијанта. Туку, маркетинг и на телевизија, како медиум. Статистиката дека, секој Македонец во просек по 4 часа и 34 минути дневно поминува пред телевизор, а Македонија е на високото трето место по гледање телевизија во светот. Исто така, не треба да се занемари и фактот, дека сепак, и покрај сите нови медиумски сили, кој и одземаат од колачот на телевизијата како медиум, телевизијата останува моќен и најрелевантен медиум, со влијание на гледачот, односно потенцијалниот купувач, кој се создава, гледајќи ја рекламата на телевизија.

Анализите само го потврдуваат тоа, бидејќи според спроведена анкета, „Од медиумите, испитаниците најчесто користат интернет и телевизија, 46% од нив користат интернет, а 41% користат телевизија повеќе пати дневно.“

Интернетот е се уште, законски не регулиран до крај медиумски простор, во кој секој може се да каже и непроверено да продаде и купи. За разлика од интернетот , телевизијата во секој сегмент одговара пред надлежни регулаторни институции, за својата програмска содржина и информациите кои ги пласира.

Од таму, доаѓа и поголемата доверба во телевизијата како медиум.

Секоја компанија, колку и да работи добро и успешно и има добар и конкурентен производ, ако не го покаже и промовира пред купувачот, ако не му го стави на пиедесталот, многу потешко ќе може да се развива , да ги зголеми продажбите и да биде успешна.

Затоа, прежалете ги средствата за маркетинг, за да не ве прежали вас пазарот и купувачот.

И кога се мисли на маркетинг, се мисли на сите елементи што го сочинуваат и на маркетинг, кој ќе го водат обучени професионалци во таа дејност.

Не е доволно „по дома децата“ да ставаат пост или да споделат објава. Или „имам едно дете во фирма, го бива и за маркетинг “ Потребно е плански и професионално водење на маркетинг активности.

Само за потсетување, како школски пример за влијанието на маркетингот. Во време на големата светска економска криза од 2007 година, оние компании кои продолжија да вложуваат во маркетингот, се издигнаа на пазарот, пораснаа, ги зацврстија своите пазарни позиции, ги заземаа ослободените позиции на пазарот и станаа предводници на пазарите. Излегоа победници и посилни од оние кои се исплашија и се повлекоа, криејќи се од страв. Само заради елиминирање на трошоците за маркетинг.

Треба да се научи лекцијата, таа е многу едноставна и брзо се учи.

МАРКЕТИНГОТ не е трошок, МАРКЕТИНГОТ е инвестиција.

 

 

М-р Марија Георгиевска
Уредник и водител на емисијата за бизнис и економија ПРОФИТ