КОГО ЌЕ „ГОЛТНЕ“ КРИЗАТА – НЕСНАОДЛИВИТЕ ИЛИ НЕЛИКВИДНИТЕ

Kризата e наше секојдневие. Финансиските проблеми на компаниите, поради кризата, стануваат сериозни, а многу од нив се на работ на опстанок.

Влијанијата, за ваквите состојби, доаѓаат од повеќе страни, пандемијата, енергетската криза, руско-украинската војна, кои ја подгреваат инфлацијата, а таа се рефлектира на  намалената куповна моќ на граѓаните.

И сето ова влијае на работењето на компаниите.

Ова не е само состојба која владее кај нас, светот го „живее“ истиот кошмар.

Се наметнува  размислувањето, дали компаниите вистински се борат, за да се справат со овие состојби и каква е бизнис климата, колку имаат простор за оваа борба?

Во вакви тешки услови за работа, клучно е да се преземаат мудри, издржани и правилни чекори. Доколку постојат дилеми кај менаџмнтот, според консултантите, подобро да побараат совети од стручни лица, отколку да носат самостојно несигурни, ризични и избрзани одлуки. Со вакви одлуки, во ваков амбиент на водење бизнис, дополнително ќе предизвикаат проблеми во компанијата.

Кај нас, и по сите совети од бизнис консултанти, сепак, најголем дел од менаџерите се потпираат на сопствените ставови и одлуки во водењето бизнис, сметајќи дека најдобро си ја знаат фирмата и некој однадвор не може да им кажува или помага.

Погрешно или не, тоа најмногу сами ќе проценат, но она што повеќе функционира на нашите простори е девизата – „снајди се, па живеј“, која сега во време на криза и најмногу важи, повеќе од порано, па секој со своите вештини, колку знае и може, успева да се снаоѓа. Затоа, прашање е кој ќе опстои, дали тие компании што не умеат добро да се снаоѓаат во новите околности или неликвидните компани, што подразбира дека не се снашле добро и дошле во состојба на неликвидност.

Но, колку нашите менаџери се подготвени да се снаоѓаат, за да издржат вакви кризи, кои се надоврзуваат една на друга, пандемиската, на енергетската, а таа заедно со последиците од воената?

И тоа, се во нашиот амбиент на водење бизнис и опстојување на стопанството.

Дали опстојувањето на компаниите е само во способноста и умешноста на менаџерите или одговорност има и државата и таа носи дел од неснаоѓањето на многу компании и сектори.

И, дали „држи“ муабетот и „извлекувањето“ на државата, дека сега е криза?

Да, сега е криза и околностите се поинакви за водење бизнис, но ако останатите работи функционираат, ако амбиентот за водење бизнис бил создаден со добра поставеност и функционалност на институции, организации, ефикасност на администрација исл. тогаш, се чини ударите врз бизнисите ќе биле помали, ризиците исто така, и стопанството ќе ги поднесе полесно ударите од ваквата криза, зошто ќе се справува само со кризата или кризите, а не и со сите овие нешта кај нас. Едноставно, ќе има друга појдовна позиција во борбата со кризата. Сега, е многу потешко да го прават тоа.

Бидејќи, со што попрво да се справуваат, со кризите или со неефикасноста и   условите за водење бизнис.

Во вакви услови, и со сите искуства, дипломи, едукации, менаџирања исл., веројатно  тешко може некој да се избори и да биде успешен, снаодлив, ликвиден.

Компаниите од многу сектори реагираат, бараат поддршка од државата.

Но, колку може да се потпираат на таа поддршка?

Во моментот, имаат можност за пристап до финансии, преку институциите, кредити, јавни повици, за фирми, земјоделки исл.

Колку тоа ќе ја држи кондицијата на компаниите?

Можеби не доволно, но добро е, барем ќе ги смири малку и ќе влее надеж за продолжување со работа. Зошто, во вакви околности, многу сопственици на бизниси размислуваат и за затворање.

И, по сите напори, програми мерки исл. зарем треба да се дозволи, да се промени овој курс и да се оди во обратна насока, со намалување на бројот на фирми и работници.

Затоа, поддршката мора да постои и тоа во разни облици, не само во кредити и сл. туку и преку законски решенија кои ќе ги подобрат условите за работа на стопанството и ќе создадат поповолна бизнис клима. Клима на сигурност дека работите се поставени добро од страна на државата, а останува компанијата да се бори за развој, иновации, инвестиции, освојување на нови пазари, воведување на високи технологии исл.. Во ваков амбиент, на исклучително тешки услови за работа поради кризата, борбата да се справат со сите закони, процедури, фискални давачки, неажурни институции, нејаснотии во многу законски решенија исл.нелојалната конкуренција, сивата економија, за компаниите ќе значи поголем колапс.

Одредени сектори, трпат огромни загуби.

Податоците  потврдуваат  дека кризата „голтнала“ многу компании. Имено, во првиот квартал од  годинава згаснале 3.920 компании, покажуваат податоците на платформата Бизнис.Мрежa.мк., додека минатата година бројот на згаснати компании изнесувал 6.995 фирми. Згаснатите фирми се во  секторите трговија, преработувачка индустрија, објекти за смесување, градежни компании, компании во дејноста транспорт и складирање. Од податоците, пак, на Централниот регистар од минатата година,  може да се забележи дека во 2020 година по сите основи биле избришани 6.214 фирми.

Затоа, не е секогаш до умешноста, способноста, наученото, во бизнисот. Кога ќе се создаде поволен амбиент за стопанството, тогаш да ги „мериме“ неснаодливите и неликвидните.

 

М-р Марија Георгиевска
Уредник и водител на емисијата за бизнис и економија ПРОФИТ