ДРАГАН ИВАНОВСКИ

Ликовна изложба на ДРАГАН ИВАНОВСКИ – „АКВАРЕЛИ“

УМЕТНИЧКИ ЦЕНТАР „АРТ ХАБ“ СКОПЈЕ

Втора самостојна ликовна изложба на Драган Ивановски, стоматолог по професија, а ликовен уметник по вокација, Ивановски  се претставува со бројни дела претставени во најтешката техника во сликарството – акварелот, кој му стана предизвик и непресушен извор на креативност во творењето.

Дека сликарот не се создава туку се раѓа, доказ e „аматерскиот“ сликар Драган Ивановски, кој со својот догогодишен опус и творечки ангажман самостојно го достигнал академскиот ликовен праг. Почнувајќи од 1993 г.,активно се занимава со сликарство, па во своето портфолио запишал 7 групни изложби и една самостојна, а добил и три награди за сликарство од Културно-информатиовниот центар во Скопје.

Во оваа пригода, авторот одлучил да се претстави себе си како уметник чиј интерес и ликовен ракопис е нераскинливо поврзан и отсликан со реалистичкиот, концизен израз  на мотивот, независно дали станува збор за неговите дела кои ја отсликуваат безвременската убавина на природата, пејсажот, жената…

Во оваа поставка се дела со различна тематика, која во одреден момент го привлекла неговото внимание. Се работи за неколку теми: мртва природа, пејзажи, коњи,жени,цвеќе итн. Ивановски најголем интерес покажал за темата „Цвеќиња“, изработувајќи повеќе од 30 акварели во различен формат, прикажувајќи ја сета убавина на расцутената природа, со раскошен колорит, својствен за акварелната техника.

Неговата богата палета дава исклучителна сензибилна лирска димензија, а мотивите и начинот на ликовниот израз авторот го докажува како зрел уметник. Делата се вистински предизвик за сите сетила на посетителот.

СИТЕ ИЗЛОЖБИ