Драга публико,
2020 беше тешка година за сите нас. Иако во моментов работиме според комбинираниот модел, реалноста е сепак иста. Животот воопшто не изгледа како порано.
Сепак, и покрај сите тешкотии, секој од нас мора да пронајде сопствен издувен вентил, канал за емоции и празнење на енергија.
Спортските активности се еден од каналите за празнење на таа енергија, но подеднакво важна е и уметноста, односно креативноста што секој од нас ја носи во себеси.
Кога велам секој од нас, мислам на нашите ученици.
Изминатиов период, седуммина наши студенти го споделија со нас своето креативно пишување.
Како дополнување на креативните текстови, многумина од нив покажаа желба и решителност да го одбранат напишаното преку глума.
Јас уште еднаш ја имав честа и можноста да бидам ментор на овие ученици и со задоволство ја прифатив.
Работевме макотрпно и со голема посветеност , понекогаш онлајн понекогаш со проби во живо и покрај сите наши други школски обврски. Во тие денови, кога работните звуци ќе запреа, тишината не повикуваше да ја исполниме со нашата креативност.
Во текот на овие изведби, Вие ќе видите како се чувствуваа седуммина наши ученици за време на оваа пандемија. Ќе ги почувствувате емоциите коишто тие решија да ги споделат низ креативна призма со Вас.
Како учител но и како актер, секојдневно одново го сознавам значењето на различни видови на уметност вткаени во животите на луѓето. Една филмска сцена којашто никогаш нема да ја заборавам е од филмот „Титаник“.
Откако Титаник удри во сантата мраз и почна да тоне, патниците пробуваа да спасат жива глава скокајќи од бродот. Сепак, во целиот тој хаос, четири музичари не го напуштија бродот, туку решија да свират до крајот и да ја одживеат својата уметност.
Нашиот брод наречен НОВА стабилно плови низ овие бурни времиња. Остануваме посветени на нашите ученици, а сите ние вработени, си помагаме едни на други и се поддржуваме секојдневно. На наша среќа, ги имаме нашите директори коишто како храбри капетани го насочуваат кормилото на нашиот брод низ оваа пандемска бура.
Овој пат нема да ме видите мене, бидејќи верувам дека нашите ученици го заслужуваат целосното внимание.
Се чуствувам горд што бев нивни ментор во текот на овој драмски проект.
Моето име е Томе Станковски а ова се нашите таленти за глума и нашиот драмски проект – Отклучи се себеси.