Работејќи долги години како дел од културните редакции во дневниот весник Нова Македонија, како новинар и во неделникот Акутел како уредник, неминовно беше, јас како главен и одговорен уредник во НАША ТВ заедно со тимот, да создадеме сериозна, цврста и темелна културна редакција. Еден од основните постулати, врз кои е граден концептот на НАША ТВ е КУЛТУРАТА. Културата која вклучува уметност, естетика на секојдневието, култура на живеење, однесување…. КУЛТУРО корпусот произлезе од гранката поврзана со македонската уметност и македноското културно наследство а стана соодветно и идеално дополнение на проектите што се обележје на НАША ТВ уште од самиот почеток – Македонски играни и документарни филмови, Македонски театарски претстави, Македонски музички, оперски и балтески концерти, Македонски изложби….
Го замисливме на овој начин:
КУЛТУРО ФОРУМ – дебатна емисија – да се зборува за нештата за кои обично не се зборува на телевизија (нели телевизијата третира најчесто комунални и политички прашања ???) … за културниот идентитет, за книжевните преводи, за тоа дали ликовните уметници живеат во погрешно време, за пораките на поетите, за уметничката критика која е на маргините, за музиката и профитот, за модерниот танц, за дизајнот на ентериери, за независните филмови, за старословенските ракописи, за театарот, за балетот…. море од теми и дилеми, есенцијални за културно и уметнички ангажираните луѓе.
КУЛТУРО ИНТЕРВЈУ – некласичен разговор во кој уметниот – почнувајќи од бардовите во театарот, музиката, филмот, танцот, сликарството па се до оние кои за прв пат ги вкусуваат уметничките изразни средства и сонуваат…. и првите и последните и секако и тие помеѓу. Го сонуваат својот сон – уметноста. За наша среќа, непосредно пред камерите на НАША ТВ и од таму во етерот.
КУЛТУРО ПРЕС – илјадници настани, промоции, прес конференции за претстава, филм, книга, отворање на изложби, перформансии….. Па мислам дека ниеден друг медиум во етерот нема толку многу прилози во својата архива со предзнак култура!
КУЛТУРО на НАША ТВ ги угости, а тие нè почестија со своето присуство во нашите проекти – повеќе од триста уметници, културни работници, професори и сите се сложни во едно: КУЛТУРО е единствен и уникатен проект и треба да се негува, подобрува, зацврстува, расте… И ние се согласуваме!
Емилија Евтимова Гоговска
Главен и одговорен уредник на НАША ТВ