Нови околности, за уште една криза, која за жал, доаѓа многу брзо и се судира со постоечката.
По сите стрес-тестови кои ги приреди пандемијата, имаме нова реалност, која преку ноќ наметна нови грижи, стравувања, нови предизвици.
Економијата не е директно изложена на ударите на двете земји, инволвирани во војната, но сепак, стравот и неизвесноста „работат“, повеќе од сите војни.
Од Народната банка стигнуваат смирувачки ставови, за „Малата трговска и финансиска интегрираност со двете економии. Трговската размена со овие две економии учествува со само два проценти во вкупната трговска размена, а кај финансиските текови поврзаноста е уште помала. Поаѓајќи од овој контекст, јасно е дека ние не би имале позначајни директни ефекти, вклучително и преку санкциите коишто тековно се изрекуваат“, истакна гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска.
Смируваат и аргументите зошто не се очекуваат посериозни ефекти од санкцијата со која се предвидува исклучување на дел од банките од SWIFT платформата.
„Странските директни инвестиции од овие две економии учествуваат со само 0,5% во вкупните, но не се присутни во сферата на банкарскиот систем. Во овие околности, ова е предност за нашиот банкарски систем, за разлика од други економии во нашето соседство, каде има присуство на руски банки и коишто се соочуваат со одредени потешкотии поради новонастанатата состојба. Исто така, она што е важно да се потенцира во делот на платниот промет, во основа не се исклучени сите руски банки, а исто така постојат и други алтернативни платформи коишто можат да се користат за извршување на плаќањата. Оттаму, би посочила дека не гледаме ризици за нашиот банкарски систем и погенерално за финансискиот систем, со оглед на минималните или непостоечки врски со финансиските системи на економиите на Русија и Украина.“, вели гувернерката.
Но, се чини, ова не даде спокој на обичниот граѓанин, иако медиумите интензивно ги пренесуваат овие ставови.
Голем дел од граѓаните, под притисок на стравот, поитаа да направат резерви на брашно и други најосновни прехранбени производи.
Сите смирувачки тонови на надлежните, не можат да го смират кревкиот мир на граѓаните, бидејќи се наоѓаат во една исклучително чувствителна состојба, истоштени и финансиски и ментално, поради долгата пандемија.
Особено, по најави од економските експерти, за индиректни прелевања на ефектите, загрозување на некои позиции во извозно-економска смисла, индирерктно поврзани со нашите европски партнери и пазари, како и нарушувањата, кои ќе ги имаат тие.
Животниот стандард страдал и пак ќе страда, тоа е повеќе од јасно.
Одредени сектори, дека ќе бидат на удар, и тоа е повеќе од јасно.
На пример, туристичкиот сектор. Како ќе влијае новата состојба, во време на нова туристичка сезона, кога имаше малку надеж, како од најавените Руски и Украински туристи, така и од олабавување на мерките.
Сега, тоа „паѓа во вода“.
Новата состојба, ќе се одрази не само на бројот на туристи од Украина и Русија и од околните држави, туку и врз домашниот туризам, поради намалената финансиска моќ, влошениот животен стандард, инфлацијата, енергетската криза.
Експертите сугерираат дека со оглед на тоа што загуби ќе трпат и бизнисите, многу е важно да се направи механизам, кој ќе ги елиминира отпуштањата на работниците, за да не се создадат нова група на граѓани со низок животен стандард.
Инволвираните земји во воениот конфликт, се извозници на енергенси, ресурси, суровини, минерали, во цела Европа. Тоа ќе значи пораст на влезните трошоци за секоја суровина на производителите. Со тоа, ќе се нарушува синџирот на набавки, зошто Русија и Украина се доминантни во многу светски синџири.
Овие земји се најголеми производители и на жито, пченица и маслодајни култури, кои се од витално значење, како суровини за прехранбената индустрија.
Но, добиваме смирувачки ставови, дека нема простор за паника, дека имаме алтернатива, во земји како Србија, Романија, Бугарија, Унгарија. Патем, веќе е направен увоз од Србија.
Сепак, треба да бидеме подготвени за последици и влијанија. Цените на светските берзи, за главните берзански производи, рушат рекорди, од час во час. Затоа, неопходно е прилагодување на компаните.
Се чини, не заврши одамна најважната тема за кризен менаџмент. За менаџерите, доаѓа нов тест, колку таа лекција е научена.
Додека консултантите, уште од минатата година, некои и порано со почетокот на кризата, советуваа менаџерите да се подготвуваат, сега и веднаш, за нова криза, многу сериозно не се разбираше оваа порака.
Но, многу брзо стаса тестот, за нова криза. Сега, најдобро ќе се види, кој ја разбрал сериозно пораката.
Ги слушаме насоките од економистите.
Да покажеме смиреност и да одговориме со добри мерки, за да се ублажат големи потреси на животниот стандард, за да се помогне на стопанството во ублажување на енергетската криза со сите можни мерки, промени на закони со административни бариери, за да може барем во делот на проблемите со енергија, да ги намалат трошоците.Тие се подготвени да вложат во енергетски ефикасни решенија за своите производствени капацитети.
Иако, немаме голем извоз во двете земји, индиректно сме поврзани со дел од некои синџири на добавување во овие земји.
Анализа на Стопанската комора, за Стопанската соработка на Република Македонија и Република Украина, (од 2015 г.) во насока на застапеноста на производите во македонско-украинската размена, покажува дека во структурата на извозот се застапени: електрични акумулатори и лекови.
Во поглед на застапеноста на производите во структурата на увозот се плоснато-валани производи од железо или нелегиран челик, други полупроизводи од железо или нелегиран челик, јаглерод, ладно валани производи, неплатинирани, жици од рафиниран бакар, потоа маслодајни семиња и плодови, афион и др.
Украина е еден од водечките светски извозници на неон, гас кој е клучен за ласерите кои се користат во производството на чипови.
Повеќе од 90% од неонот за полупроводници што се користат во фабриките за електроника во САД доаѓа од Украина.
Според податоци од анализа направена на Стопанската комора, 5% од светските минерални суровини се наоѓаат во Украина.
Во Украина има природни ресурси: јаглен, манган, природен гас, нафта, сол, сулфур, графит, титаниум, магнезиум, каолин, никел, гума и обработлива земја.
Плаши влошувањето на животниот стандард, особено во амбиент кога просторот за интервенции од државата е ограничен, задолженоста на горната граница. Затоа, треба внимателност.
Според дел од економистите, евентуално намалување на давачки, како акцизи и сл. не е популарно, зошто ќе има проблем со полнењето на Буџетот. Затоа, повикуваат на понатамошна макроекономската стабилност.
Едно е сигурно, за што гласно говорат економистите, овој амбиент нема да дозволи економски раст, напротив пад на животен стандард, раст на цени, инфлација, па и рестриктивна монетарна политика, ограничен пристап до евтини извори на финансирање, зголемување на каматните стапки, што ќе влијае на стопанството.
Други, пак, како еминентниот професор на Виенскиот институт за меѓународни економски студии, Владимир Глигоров, излегоа со став дека “Не би требало да се соочиме со забрзана инфлација, пред се поради тоа што со приближувањето на летото ќе се намали побарувачката на енергија и на храна или пак, ќе дојде до зголемување на понудата. Останува да видиме што потоа ќе се случува’’.
Имајќи ги во вид сите овие ставови, останува да веруваме во тврдењата дека Буџетот е ликвиден, а денарот и финансискиот систем ќе останат стабилни. Внимателно се следат меѓународните случувања и движењата на светските берзи и соодветно ќе се реагира, уверуваат првите луѓе на фискалната и монетарната политика во земјава, по почетокот на руско-украинската криза.
Со сите уверувања од централната и монетарната власт, дека ситуацијата е под контрола, да бидеме „мирни“ и сигурни, дека ќе се надмине и оваа нова криза.
Еднаш веќе бевме на испитот за економија на солидарност.
Останува да се „молиме“, оваа криза да заврши побрзо.
М-р Марија Георгиевска
Уредник и водител на емисијата за бизнис и економија ПРОФИТ