ИНВЕСТИЦИСКОТО ЗЛАТО СПАС ОД ВИСОКА ИНФЛАЦИЈА ИЛИ СМИРУВАЊЕ НА СТРАВОТ

Кризата донесе низа негативни влијанија. Таа се рефлектираше врз цените, инфлацијата, понудата, потрошувачката, недвижностите, енергенсите. Во вакви околности, граѓаните бараа начини како да ги заштитат своите заштеди и во што да инвестираат. Злато, сребро, банкарски депозити, недвижности, што е најдобро и што дава најголема заштита. Кај нас, се знае дека најмногу се купува недвижен имот и се чуваат пари на банкарски сметки.

Во светот, владее друга пракса. За да се намалат загубите, се зголеми инвестирањето во злато, сметајќи се како сигурна заштита од инфлација и како најликвиден имот. Златото, пак, под притисок на побарувачката, доживеа пораст на цената, нешто што е вообичаено за време на кризи.

Но, дали, всушност, може да се заштитиме од овие влијанија?

Според економистите, на конзервативен финансиски пазар и со ниско ниво на финансиска писменост, треба внимателност во донесувањето на одлуките за инвестиции, односно, да се внимава во што ќе се инвестираат парите. Тие, се разликуваат и со своите аргументи, во однос на инвестирањето во недвижности, валути или инвестициско злато и сребро.

Во амбиент на кризи и намалување на вредноста на парите, и кај нас, граѓаните започнаа да го насочуваат својот интерес кон инвестициското злато и сребро. Тие се новите форми за инвестирање кај нас, а веќе се отворија и компании за тргување со благородни метали,  инвестициско злато и сребро. Луѓето, се уште не знаат доволно за овој вид на инвестирање, бидејќи кај нас не беше можно да се тргува со инвестициско злато и сребро во минатото. Но, стравот од загуби на вредноста на своите средства и притисокот од инфлацијата, прават да се свртат и кон овие инвестициски можности. Нивните дилеми, според новите компании, специјализирани за тргување со благородни метали, одат дотаму, што прашуваат дали златото или среброто, навистина ќе го добијат кога ќе го купат.

Со вакво ниво на познавање на работите за инвестициското злато и сребро, „стои“ дилемата, колку стравот ги носи одлуките за инвестирање, наспроти правилните  пресметки.

Според познавачите на состојбите, прва предност за инвестирање во злато и сребро е фактот дека луѓето се слободни, бидејќи кога се инвестира во злато или сребро, се излегува од конзервативниот финансиски систем. Златото е злато во цел свет и може многу брзо да се смени за фиатна валута, производи или услуги, велат сопствениците на компании за тргување со инвестициско злато и сребро.

Нема посебни правила при купување на злато и сребро.

Законски, инвестициското злато е ослободено од ДДВ, тоа е така во поголем дел од светот. Инвестициското злато може да биде во форма на златни плочки од 24 каратно злато, може и да се монети-парички како наполеони, австриски дукати, филхармонија, австриски кенгур. Купеното злато или сребро кај нас, може да се продаде во секој крај на светот. Особено сега, додека, цената на златото расте, инфлацијата ги „јаде“ парите.

За сигурноста, при инвестирањето во злато, според економистите, потврдува фактот што златото е познато околу 5000 години, иако подзаборавено, со него, особено денес, се уште се тргува во светот.

За поголем развој на пазарот на инвестициско злато и сребро, според сопствениците на компаниите, кои работат во државата, треба да се надминат нелогичностите во процедурите, односно во законитоста што ја опфаќа оваа област.

Во  Македонија, според законските прописи, за да се изнесе златото, потребна е дозвола за извоз и да се приложат фактури, како доказ, од каде е купено златото.

Но, дали да се купи инвестициско злато или не?

Дел од академската заедница е против одлуката да се купува, бидејќи сега не е време, од причини што, златото е поскапо за 30% и не штити од инфлација.

Академик Абдулменаф Беџети, на пример, смета дека на среден рок, не е решение да се инвестира во злато. Но, и во недвижности или валути. Според него, ние имаме стабилна национална валута, денар и нема пречка да ја избегнуваме денарската домашна валута. Беџети смета дека, да се купува злато, кое е околу 30% поскапо од вообичаено, не е паметно.

Дел од економистите од регионот, пак, советуваат да се купува злато, како една алтернатива за спас од висока инфлација и заштита на инвестициите.

Според бугарскиот професор Красимир Петров – доктор на економски науки од Универзитетот Охајо во САД, средствата од инфлација, може да се заштитат, ако се инвестира во реални метали. Но, предноста на златото и среброто е во тоа што тие се познати од пред 5000 години и има исклучително ликвидни и големи пазари, за злато и сребро во САД, Велика Британија, Европа, Истанбул, Дубаи, Хонг Конг, Сингапур.

Според професорот Петров, кога некој ќе инвестира во стандардно инвестициско злато или сребро, тие лесно може да бидат продадени во соодветните држави, а и во Бугарија веќе има 7-8 трговци на инвестициско злато и сребро, кои продаваат и купуваат, така што, тоа не е проблем во последните 10-15 години, во Европа и Бугарија. Луѓето вообичаено стравуваат дали ќе може да го продадат во ова време златото или среброто, но нема потреба од стравувања, бидејќи нема проблем воопшто за тргување. Ако го имаме во вид ставот на бугарскиот професор Петров, пак, дека инфлацијата е сериозен економски проблем и ние треба да очекуваме дека ќе има продолжено дејство околу 5-10 години, тогаш со сигурност, златото и среброто треба да бидат во фокусот, како можни чувари на вредноста, а луѓето да преземат соодветни мерки. Во ова време, основните инвестиции, кои најдобро ќе ги заштитат нашите заштеди, се инвестициите во вистински средства, а тоа  може да бидат цинк, бакар, може да е железо, литиум, воопшто производно реални средства ,од типот на метал кој е долготраен. Секако, со акцент на златото и среброто, вели професорот Петров.

За српскиот професор по економија, Дејан Шошкиќ, пак, златото, може да е чувар на вредноста, но може да има и негативни стапки на приноси. Тоа зависи од колективната психологија. Доколку, луѓето се несигурни во валутите, во финансиските институции или во иднината, поради разни конфликти, кризи и сл., по правило во тие услови златото добива на вредност, но тоа не значи дека добивањето на вредноста е трајна карактеристика и дека работите нема да се променат, ако не се промени и колективната психологија. Не смееме да заборавиме дека колективната психологија на инвеститорите, во голема мера ги  одредува цените на финансиските пазари. Секако, вложувањето во злато и сребро е посигурно од вложувањето во криптовалути, на пример. Златото и среброто имаат алтернативна примена, што дава вредност, вели српскиот професор Шошкиќ. Затоа, пораката на проф. Шошкиќ е, дека граѓаните не треба да влегуваат во некакви ризични и панични потези. Ситуацијата е навистина со одредени неизвесности, но имало многу неизвесности од кои Европа и светот успеале да излезат со здрав разум и на некој среден рок, така што смета дека, тоа и сега ќе биде случај. Затоа, не треба да се донесуваат панични одлуки, добро да се процени што се алтернативите и да се води сметка за тоа кога имаме финансиски имот, да ја одбираме онаа алтернатива, која е во состојба во поголема мера да не заштити од инфлација, но исто така, ако може и да генерира некој приход, тогаш би било идеално.

Инвестициите во благородни метали, се чини, наоѓаат оправдување кај голем број граѓани и кај нас, според тоа што го тврдат од компаниите кои продаваат и купуваат.

Едно е сигурно. Може да инвестираат сите кои имаат слободни парични средства.

 

 

М-р Марија Георгиевска
Уредник и водител на емисијата за бизнис и економија ПРОФИТ