РЕЦЕСИЈАТА ТРОПА НА ВРАТА – ЦЕНАТА ЗА ЗАБАВЕНИОТ ЕКОНОМСКИ РАСТ МОРА ДА СЕ ПЛАТИ

Забавувањето на економскиот раст може да биде „неопходна цена што треба да се плати“ со оглед на потребата да се врати ценовната стабилност итно и без одлагање, заклучи Кристалина Георгиева, директорка на Меѓународниот монетарен фонд, во своја неодамнешна изјава. „Оваа 2022 ќе биде тешка година, а 2023 може да биде уште потешка. Ризиците од рецесија се зголемени за 2023 година“. Не може да ја исклучи потенцијалната глобална рецесија следната година со оглед на зголемените ризици“, рече Георгиева.

Потребна е уште сега и веднаш акција и стратегија како да се пресретне најавената рецесија и пораката на ММФ, за тешката 2023 година. Компаниите да се мобилизираат, за да не дојде во последен момент да спасуваат нешто, што тогаш тешко може да се спаси.

Времето тече. Мора сериозно да се прими и разбере пораката, која ја пренесе поодамна шефицата на ММФ. Кризниот менаџмент и научените лекции од менаџирањето во време на пандемијата, да се обноват и да се направи план.

Реорганизација, промени на пазари, суровини, тимови, менаџерски одлуки, планови, да биде во знакот на очекувањата за „лошата“ 2023 година. Тоа ќе помогне на компаниите да ја пресретнат годината подобро подготвени.

Шефот на ММФ предупреди дека продолженото заострување на финансиските услови ќе ги комплицира глобалните економски изгледи, a клучно e да се стави под контрола растот на цените.

По сите овие „математики“, објаснувања, ставови и калкулации, јасно е што го очекува светот. Но, каде сме ние, во него.

Апелите од стопанството постојано се гласни. За нив и сега е многу тешко, а уште потешка е помислата за  2023 година, со вакви лоши предвидувања.

Државата признава дека зимата ќе биде тешка.  Mинистерот за економија Крешник Бектеши, неодамна, излезе во јавноста со став:„Не очекува многу тешка и непредвидлива зима на енергетски план, која не зависи само од Северна Македонија или од земјите од регионот, туку зависи од тоа како ќе се одвива ситуацијата со војната во Украина“. Но, се донесоа мерки, кои даваат надеж, дека ќе може да се помине малку полесно, од првичното очекување.

Инфлацијата е дополнителен товар.

Се бара спас за стопанството во сите можни варијанти.

НБРМ  од минатата година, преку низа инструменти го започна затегнувањето на монетарната политика, во насока на закотвување на инфлациските очекувања. Инфлациските притисоци траат подолго време, подисперзирани се, влијаат на инфлациските очекувања и оттаму централните банки мора да реагираат.

Народната банка повторно, сега за 0,75 процентни поени, ја зголеми основната камата  и таа се искачи на 4,25 проценти. Ова е седми пат по ред годинава централната банка да посегне по овој механизам со цел да  ја стабилизира галопирачката инфлација во земјава која во октомври достигна 19,8 проценти.

Експертите веќе неколку пати предупредија  дека по ваквите чекори на Централната банка за очекување е да има поскапување на кредитите  особено на оние кои се со варијабилни каманти  стапки.

Основната камата на централната банка која изминатиот период расте, е сигнал и за домашните банки да ги зголемат каматите и на депозитите и на кредитите. А дополнителен удар за граѓаните и компаниите е што по Нова Година, ќе расте и законската затезна камата која за граѓаните ќе изнесува 12,25 проценти на годишно нив, велат експертите низ медиумите.

Коморите во земјава, тековно порачуваат наместо постојано да се брани курсот  на денарот,  повеќе внимание да му се посвети и на бизнисот,  затоа што без економија една државата не  може да опстои.

Постепена фискална консолидација, добра стратегија и издржан план за забрзување на растот, инвестиции во човечкиот и физичкиот капитал, дигитализација и одржливост, се петте клучни чекори за забрзување на економскиот раст, по заздравување на економијата од тековната глобална криза, наведува во својата најнова колумна, пак,  посветена на буџетот и економските стратегии министерот за финансии, Фатмир Бесими.

За да зборуваме за забрзување на економскиот раст и користење на јавните финансии за стимулација на растот, пред сè треба да постои фискален простор. Но, од друга страна, силното фискално затегнување, особено во време кога економскиот раст забавува, може да предизвика контракција на економијата и негативни последици, вели  министерот Бесими.

Поради ценовните шокови кои се случуваат и на глобалните пазари поради воената и енергетска криза и Американската централна банка ФЕД, исто така, прави нагорна корекција на каматната стапка на благајничките записи и посочи дека со ваквите чекори ќе се продолжи со цел да се ублажат инфлаторните притисоци.

Претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард, вели дека ризикот од рецесија е зголемен.

Европската централна банка ги зголеми клучните каматни стапки повторно, тие може да достигнат нивоа кои ќе го ограничуваат економскиот раст, со единствена цел да се скроти инфлацијата.

„Притисокот на цените се шири во  повеќе сектори. Очекуваме дека инфлацијата ќе остане непожелно висока уште некое време“, изјави неодамна претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард.

Се погласни се ставовите дека Германија во 2023 година ја чека рецесија. Тоа го аргументираат бројките. Германската економија ќе се намали во 2023 година, бидејќи драматичното зголемување на трошоците за енергија поради руско-украинската војна ги намали шансите за закрепнување од пандемиската криза.

Официјално или неофицијално, претпријатијата веќе ја „живеат“ рецесијата.

Фактот дека имаа притисоци и огромни проблеми во работењето, е нивно секојдневие.

Статистичките податоци говорат дека оценката за економската состојба на деловните субјекти во преработувачката индустрија, во октомври 2022 година е понеповолна во однос на претходниот месец,а понеповолна и во однос на октомври 2021 година. Се очекува бројот на вработените да се намали. Од прехранбената индустрија се поздравува владината одлука за обезбедување електрична енергија по поволни цени со која се опфатени производителите на храна, со што се надеваат на помали проблеми, ако може во ова време да се смета тоа.

Времето ќе покаже дали мерките што ги носи државата ќе влијаат на подобрување на компаниите и ублажување на последиците врз нивното работење.

Поддршката, во насока на создавање подобри услови за водење на бизнисот е задолжителна, за да може компаниите да ја надминат со помали загуби, очекуваната рецесија.

Времето ќе покаже, колку ќе биде висока цената на рецесијата.

 

М-р Марија Георгиевска
Уредник и водител на емисијата за бизнис и економија ПРОФИТ