РЕЦЕСИЈАТА ТРОПА НА ВРАТА – ЦЕНАТА ЗА ЗАБАВЕНИОТ ЕКОНОМСКИ РАСТ МОРА ДА СЕ ПЛАТИ

Инвестициите во дигитализација на работењето и процесите во компаниите се неопходни. Компаниите се повеќе чувствуваат притисок и потреба да имплементираат современи ИТ решенија. Дали домашните компании, можат да си дозволат вакви инвестиции? Големите компании веќе имплементираат или се понапред во овие процеси. Но, многу поважно е да се дигитализираат малите компании. Патем, тие се 98% од структурата на домашното стопанство а тоа значи целиот фокус на дигитализацијата треба да е на нив. На терен, во компаниите, се стекнува впечаток дека се уште не се носат со леснотија одлуките за инвестиции во дигитализација, независно во која форма и за кои процеси. Се чини, се уште свеста не е доволно издигната, колку големи ефекти носи во една компанија ова вложување. Дали е до свеста или е до недостатокот на финансии?

Можеби двете, подеднакво!

Ми оди некако како и со инвестирањето во маркетинг, кој вечно останува да се третира како трошок, а не како инвестиција. Но, ајде да се вратам на дигитализацијата. Сите совети на светските експерти и консултанти се во насока на тоа дека само со зголемена дигитализација ќе се постигне поголем успех во работењето, ќе се забрзаат процесите, ќе се постигне продуктивност, ќе се овозможи развој. Каде сме како стопанство, колку може да вложи една мала компанија во дигитализација? Се гледа напредок, но мора да се забележи и реалната состојба, кога се пристапува кон запознавање со некоја компанија. Впечатокот е дека ние се уште немаме веб страна на компаниите, основното за градење идентитет, имиџ, бренд и се што оди со тоа. Како да зборуваме за нешто повеќе, кога се уште не сакаме да се „наоружаме“ со основните и задолжителни средства за претставување пред клиенти, деловни партнери, инвеститори. Кога се гледа да се импровизира на секој можен начин, кога се прави колку да го има, а не да служи за многу важни цели. За да се вклопат во современиот свет на модерни и напредни компании, мора да се следат трендовите и на полето на дигитализација. Каде сме на темата дигитална трансформација, во време кога на други страни од светот се случуваат екстремно брзи промени и кога се зборува за примена на најнови технологии. Технологиите се развиваат толку брзо што е тешко да се биде во тек со новите случувања.

Во светот, во исто време, се работи на вложувања во вештачка интелигенција, во одредени процеси, во роботика, за актуелниот метаверзум, аватар, блокчејн и др. Всушност, ова се и трендовите на дигиталната трансформација за 2023 година на светско ниво. На пример, вештачката интелигенција со години привлекува големо внимание,  од деловниот и технолошкиот свет. Од големите современи компании, употребата се пренесува на малопродажбата и на помалите компании. Нудење соодветна гардероба на клиентите, како по големина и стил, бесконтактно, поефикасно онлајн купување, подигање и размена на стоки, се само дел од работните места кои  ги преземе вештачката интелигенција.

Ние сме далеку од овие трендови.

Како да немаме доволно убедувања дека вложувањето во дигитализација носи големи придобивки, заштедува средства, време, ресурси. Кај нас, од искуства на градежни компании кои вложиле во дигитализацијата, создале софтвери за оваа индустрија, која ги забрзува процесите во градежништвото,  се потврдува дека имаат големи придобивки, заштедиле многу , станале поефикасни, имале поголема следливост на трошоци, загуби, залихи исл. Од поголеми компании кои имплементирале софтерски решенија за човечки ресурси , исто така, се потврдува дека постигнуваат подобри резултати, добро управуваат со човечките ресурси во компанијата, намалени се отсуствата, подобрена е работната атмосфера, наградувањето и сл.

Но, тие се примери за поголемите.

Кога малите ќе може да си го дозволат тоа? Тоа е клучен проблем? Ако ги прашаме компаниите, ќе речат да имаме се, но што за нив е тоа се?

Веројатно, потребно е да се работи и на едукација за дигиталната трансформација, но и на финансиска поддршка, за  да се постигне подобрување на дигиталната трансформација кај компаниите. Треба да имаат поголеми можности за пристап до финансии за дигитална трансформација. Радува фактот што  се појавуваат повици за обезбедување финансии за компаниите. Последен пример е со јавниот повик на ФИТР за дигитална трансформација на претпријатијата „Со дигитална трансформација до иновација”. Повикот е наменет за мали и средни претпријатија од земјоделско – прехранбениот и туристичкиот сектор, со цел да се овозможи зголемување на иновативноства и конкурентноста на претпријатијата преку воведување на дигитални решенија кои ќе водат кон дигитална трансформација во нивното работење.  Оваа поддршка сигурно значи многу за подигање на свесноста за вложување и кај компаниите, но и за нивниот развој. Ако се анализираат индустриите, надвор од ИТ индустријата, во водство според дигитализацијата или дигиталната трансформација е финансискиот сектор, банките. Финансискиот сектор е најголемиот светски корисник на дигитални технологии и главен двигател на дигиталната трансформација на економијата и општеството.

Но, тие се големи, ликвидни и моќни. За да напредуваат и да градат конкурентност,  компаниите  мора да се прилагодат на потребата за побрза дигитална трансформација. Визијата на Европската унија за деценијата на дигитална трансформација предвидува, дека повеќе од 90 отсто од малите и средни претпријатија треба да достигнат барем основно ниво на дигитален интензитет до 2030 година. Со усвојување на дигитални технологии, компаниите го подобруваат квалитетот на нивните услуги и производи и ја зголемуваат нивната конкурентност. Кризата предизвикана од короната, исто така, покажа колку дигитализацијата е клучна за подобрување на економската отпорност на компаниите.

Едноставно, тоа ни е спасот.

Северна Македонија го применува  Индексот за дигитална економија и општество DESI што  го означува напредокот на државата кон дигитална економија и општество. Во 2021 година Европската комисија го прилагоди DESI кон двете главни политики што ќе имаат влијание врз дигиталната трансформација во Европската Унија во наредните години: Механизам за закрепнување и отпорност  и Компас за дигитална декада.

На највисокото ниво, DESI ги опфаќа четирите главни подрачја што се предмет на политиките за дигитална економија и општество. Тие не се изолирани подрачја што одделно придонесуваат за дигиталниот развој, туку се меѓусебно поврзани. Како такви, развојот во дигиталната економија не може да се постигне низ изолирани подобрувања во одделните области, туку преку усогласени подобрувања во сите подрачја. Четирите главни подрачја во највисокото ниво на DESI се:  Човечки капитал, Поврзливост , Интеграција на дигитална технологија  и  Дигитални јавни услуги.

Инаку, во ЕУ во 2021 година, само 56 отсто од компаниите го постигнале основното ниво на дигитален интензитет. Основното ниво подразбира употреба на најмалку четири од дванаесетте избрани дигитални технологии (употреба на вештачка интелигенција, најмалку 1 процент од вкупниот сообраќај преку е-трговија итн.) и вклучува компании со ниско, високо и многу високо ниво на индексот на дигитален интензитет. Само три проценти од МСП во ЕУ постигнале многу високо ниво на дигитален интензитет, додека 18 проценти постигнале високо ниво. Мнозинството мали и средни претпријатија забележаа ниски, 34 проценти или многу ниски, 45 проценти, нивоа на дигитален интензитет. Од друга страна, 88 отсто од големите компании го достигнале основното ниво на дигитален интензитет.

Податоци, кои можеби се за утеха, ако се споредуваат со вложувањата на малите и средни компании кај нас.

Постигнатите резултати покажуваат дека ќе биде тешко да се исполни една од главните цели на Дигиталниот компас – визијата на ЕУ за деценијата на дигитална трансформација – според која повеќе од 90 проценти од малите и средни претпријатија треба да достигнат најмалку основно ниво на дигитален интензитет до 2030 година.

Најдобри земји, се скандинавските земји, кои имаат голем процент на високотехнолошки компании. Тоа се компании кои користат вештачка интелигенција, IOT, дигитални платформи итн. Овие технологии се особено тешки за примена во преработувачката индустрија бидејќи опипливите производи се многу посложени од виртуелните или дигиталните за производство и дигитална „обработка“.Земјите-членки со големи економии или големо население ќе треба да имаат добри резултати за да ѝ овозможат на Европа како целина да ја постигне својата амбиција за 2030 година.

Дел од европските познавачи на состојбите, сметаат дека  малите компании го немаат луксузот да инвестираат, вклучително и дигиталните технологии, во нешто што ги спречува да добијат потенцијален брз поврат на нивната инвестиција. Клучот за нивниот успех нема да биде зголемениот степен на дигитализација, туку развивањето на способноста да се препознаат можностите, да се специјализираат, да се формираат партнерства и да се координираат со поголем број учесници за да се најде вистинската понуда за вредноста.

Да се ​​биде отворен за промени и да се претворат предизвиците во можности е клучот за постигнување на целите, велат  дел од европските експерти за дигитализацијата.

Малите компании, откако ќе ги дигитализираат нивните основни деловни процеси, ќе мора се повеќе и повеќе да се потпираат на облак инфраструктурата и големите платформи за да почнат да генерираат приход со што е можно помалку инвестиции, а потоа, доколку е потребно, брзо и лесно да усвојат нов бизнис модел. Клучот за опстанокот и развојот на малите компании е брзината на адаптација и способноста за постојано иновирање.

Во извештајот на Евростат се наведува дека 88 отсто од големите претпријатија се дигитализирани. Неопходно е да се искористи ова во смисла на споделување знаења и деловни случаи, бидејќи дигитализацијата на големите претпријатија е значително поголем предизвик во споредба со дигитализацијата на помалите претпријатија, со оглед на бројот, сложеноста на функционирањето на системот и неопходноста од нивно поврзување во дигитализацијата.

Поради војната и кризата, инвестициите во ИТ се намалени или запрени кај многу компании. Но, нема алтернатива, сите кои  заостануваат ќе мора да го забрзаат процесот на дигитализација. Во спротивно,  нема да бидат конкурентни, но нема да можат да работат и без висок степен на дигитализација на бизнисот.

Мора да се потенцира дека, дигитализацијата се покажа како клучна сила за подобрување на економската отпорност на компаниите. Во развиените земји, најмногу, но и кај останатите,  препознаена е дигиталната трансформација, како двигател на економскиот раст.

Компаниите мора да ја разберат, што побрзо,  важноста на  дигиталната трансформација. Но, потребни се и ресурси за успешна дигитализација, односно вработени кои ќе можат да го применат овој процес.

Дополнително, помладите генерации веќе имаат одлична дигитална писменост и по влегувањето на пазарот на трудот, што го олеснува процесот на трансформација.

Едно е сигурно, доколку сакаме да постигнеме економски раст, мораме дигитално да се трансформираме, во спротивно ќе останеме заробени во историјата и во економска стагнација.

 

 

М-р Марија Георгиевска
Уредник и водител на емисијата за бизнис и економија ПРОФИТ