СКАПО Е ПРОИЗВОДСТВОТО ИЛИ МУДРО Е ТРГУВАЊЕТО?

Дали навистина сѐ е толку скапо или во„ матното“ сакаме да профитираме? Цените на производите и услугите растат со вртоглаво темпо, , од сите категории, во сите сектори. Цените на храната растат и понатаму, а покрај одредени мерки, кои се во насока на скротување на инфлацијата, се чини, извесна е тешка зима, но и пролет. Надлежните институции повторуваат дека ние сме дел од глобалните финансиски текови, односно тоа што се случува надвор, се случува и кај нас.

„Подолготрајните притисоци од увозните цени, особено на храната и енергијата, коишто учествуваат со близу 50-тина проценти во нашата потрошувачка кошничка, влијаеа на подолготрајни и пошироко распространети инфлациски притисоци, бидејќи колку подолго се присутни увозните притисоци, толку повеќе стоки од потрошувачката кошничка се засегнати“, велат анализите на Народната банка. Зголемените цени и поскапата потрошувачка кошница влијаат на финансиската кондиција на граѓаните. По сите параметри, потврдена е намалената куповна моќ. Двоцифрената инфлација врши голем притисок, со своите 18,7 проценти, измерени во септември годинава.

Последиците од високата инфлација веќе се воочуваат. Таа создава несигурност во одлуките на потрошувачите и инвеститорите.

Растот на цените тешко се контролира. Дали сите имаат оправдан раст, со такви стапки, на кои сме сведоци секојдневно. Пазарната логика создава дилеми и збунетост, бидејќи се има впечаток дека секој гледа да „лови во матно“ и во вакви околности да заработи повеќе. Во амбиент на поскапувања, очекувано купувачот нема основ да реагира, зошто „држи“ тезата, се е поскапено, „се е отидено нагоре“. Дали треба или не, дали има логика и оправданост, не е важно, важно е што има услови за поскапување.

Не само енергенсите и прехранбените производи, оправданост да поскапува се гледа и кај некои производи за кои нема економска логика за поскапување со таква стапка. Кога работи психолошкиот аспект кај потрошувачот, можеби е полесно за некои сектори од трговијата и услугите, да „помине“ големо зголемување на цените, со стапки „до каде се може“.

Но, дали е оправдано и дали така треба?

Производителите аргументираат дека работат во исклучително отежнати услови, бараат поддршка од државата.

На потег е таа, да помогне сега кога им е најтешко.

Во медиумите излегоа анализи за реакциите на купувачите дека цените на ист производ во маркетите се со нереални разлики, кои се движат и до 100-тина и повеќе денари. Каде е тука оправданоста за ваквите ценовни разлики? Како во еден маркет има „математика“ да се продава некој производ за 300 ден. а во друг, истиот производ за 600 денари. Сигурно, производителот вкалкулирал во производните трошоци се, но на крајот трговецот, како да излегува најмудар? Од Пазарната инспекција во медиумите со став, дека вршат континуиран надзор на цените, во насока на тоа, дали трговците се придржуваат кон одлуката за посебни услови во трговијата, со која се регулира маржата и вкупната цена.

На тема реално-нереални состојби со движењето на цените, се полемизираше со цената на маслото за јадење, со цената на млекото,јајцата идр.

Економските аналитичари од академската заедница велат дека двојно и тројно се зголемени цените на готовите производи за една година, што не е сразмерно со реалната состојба, зошто ако се погледне цената на базичните производи или откупната цена на млеко, пченица, пченка исл, ќе се забележат огромни разлики. Се поставува прашање каде оди оваа маржа, како се формираат цените?

Колку и да има оправданост дека важат слободните пазарни законитости и конкуренцијата, се стекнува впечаток дека има одлични услови да се профитира.

Ако, пак, се погледнат подетално финансиските извештаи, кај компании кои покриваат дел од производите за широка потрошувачка, од прехранбениот сектор, потоа секторот на минерали, метали и секторот на енергија, ќе се види дека нивните профити во овој временски период на висока инфлација, се релативно повисоки.

Се охрабруваат купувачите да реагираат. Но и да реагираат, што од тоа? И да се најдат неправилности и да се казнат трговци, цените на храната нема да се вратат. Граѓаните, немаат голема верба, во намалување на цените. Тие и понатаму кратат од својата потрошувачка кошница.

Во услови кога е намалена куповната моќ, кога има висока инфлација и кога купувачите се во вечна потрага за поевтин производ, па дури одат и од дуќан до дуќан, споредувајќи ги цените и купувајќи најевтино. Воедно, се калкулира и со суровините кои ги употребуваат во производството, користат поевтини состојќи, менуваат рецептури и со тоа го намалуваат и квалитетот на производот.

Во пазарните промени, револт кај потрошувачот создава и намалената грамажа на производите. Зарем, производителите и трговците мислат дека купувачот не го гледа тоа?

Зарем е фер, во вакви околности? Кога луѓето се соочуваат со низок животен стандард, со опаѓање на истиот и кај оние, кои до неодамна биле малку „послободни “ во живеачката.

На пазарот се случува вистински хаос, а сите се оправдуваат на зголемените трошоци. Државата, за да смири, ги замрзнува маржите. Последното продолжување на рокот за траење на мерката за ограничување на маржата на основните прехранбени производи во трговијата на големо и на мало е за следните три месеци, односно до 31 декември 2022 година.

Освен тоа, во насока на смирување на апелите за помош на стопанството, во делот на енергијата, Владата донесе одлука околу 200 компании од прехранбениот сектор од 1 декември да плаќаат струја по 80 евра за мегават час. Опфатени се производителите на масло, леб и пекарски производи, брашно, млеко и млечни производи, месната и живинарската индустрија. Иако, очекувањата беа со ова да се намалат цените на храната, од почетокот на декември, калкулациите на компаниите секојдневно се менуваат, со најава да се очекува намалување од почетокот на наредната година.

Колку и да полемизираме и анализираме, колку да ни помине маката, потрошувачката кошница е посиромашна, платите се ниски и имаме лош животен стандард.

Колку и да мудруваат производителите и трговците, државата треба да понуди помош и стратешки решенија.

На крајот скапата сметка ќе ја платат сите: државата, производителите, трговците и купувачите.

 

М-р Марија Георгиевска
Уредник и водител на емисијата за бизнис и економија ПРОФИТ