Home Blog Page 8

ПРОФИТ – НОВИ ТРЕНДОВИ И РАЗВОЈ ВО ДЕЈНОСТИТЕ СО ХРАНА

Новите трендови и зголемената свест за здравиот начин на исхрана влијаат на развој на дејноста поврзана со храна. Понудата се збогатува, а растат и можностите за нови бизниси и нивна конкурентска предност во позиционирањето на пазарот. Храната е лек за физичко и ментално здравје . Затоа, компаниите кои произведуваат и продаваат здрави оброци, имаат богата понуда, со цел да ги задоволат потребите на купувачите, кои се повеќе се насочуваат кон здрава храна. Интересот за вакви оброци секојдневно расте, а тоа е причина повеќе, сопственичките на „Мелем од вкусови“ да создадат  пакети за здрава исхрана, употребувајќи доминантно локални земјоделски производи. Тоа влијае и на поддршката на локалните производители на земјоделски производи.

Откако ја доживеале  трансформацијата од користење на здрава храна, станале подготвени   истото да го споделат  со луѓето и да им покажат дека основата за се е исхраната. Животниот стил и секојдневните навики се всушност она што сме ние, велат сопственичките на „Мелем од вкусови“, Ана Јорданова  Дубровска и Андријана Срчокова. Свесноста за она што го внесуваме во нас, може да не однесе многу далеку. Затоа се посветиле  да креираат  производи кои ќе дадат нова животна енергија,  колку што е потребно. Нивното мото е  одвојте повеќе време за себе и работите што ве прават среќни, а тие ќе се погрижат за здравите и вкусни оброци.Зошто, “Здравата храна, значи  здрав живот и чиста животна средина”, слоган, како  бизнис мисија, по која се води  „Мелем од вкусови“.

 Во емисијата, анализа со Андријана Срчокова – соосновач на „Мелем од вкусови“

 

СИТЕ ЕМИСИИ

РЕЦЕСИЈАТА ТРОПА НА ВРАТА – ЦЕНАТА ЗА ЗАБАВЕНИОТ ЕКОНОМСКИ РАСТ МОРА ДА СЕ ПЛАТИ

Инвестициите во дигитализација на работењето и процесите во компаниите се неопходни. Компаниите се повеќе чувствуваат притисок и потреба да имплементираат современи ИТ решенија. Дали домашните компании, можат да си дозволат вакви инвестиции? Големите компании веќе имплементираат или се понапред во овие процеси. Но, многу поважно е да се дигитализираат малите компании. Патем, тие се 98% од структурата на домашното стопанство а тоа значи целиот фокус на дигитализацијата треба да е на нив. На терен, во компаниите, се стекнува впечаток дека се уште не се носат со леснотија одлуките за инвестиции во дигитализација, независно во која форма и за кои процеси. Се чини, се уште свеста не е доволно издигната, колку големи ефекти носи во една компанија ова вложување. Дали е до свеста или е до недостатокот на финансии?

Можеби двете, подеднакво!

Ми оди некако како и со инвестирањето во маркетинг, кој вечно останува да се третира како трошок, а не како инвестиција. Но, ајде да се вратам на дигитализацијата. Сите совети на светските експерти и консултанти се во насока на тоа дека само со зголемена дигитализација ќе се постигне поголем успех во работењето, ќе се забрзаат процесите, ќе се постигне продуктивност, ќе се овозможи развој. Каде сме како стопанство, колку може да вложи една мала компанија во дигитализација? Се гледа напредок, но мора да се забележи и реалната состојба, кога се пристапува кон запознавање со некоја компанија. Впечатокот е дека ние се уште немаме веб страна на компаниите, основното за градење идентитет, имиџ, бренд и се што оди со тоа. Како да зборуваме за нешто повеќе, кога се уште не сакаме да се „наоружаме“ со основните и задолжителни средства за претставување пред клиенти, деловни партнери, инвеститори. Кога се гледа да се импровизира на секој можен начин, кога се прави колку да го има, а не да служи за многу важни цели. За да се вклопат во современиот свет на модерни и напредни компании, мора да се следат трендовите и на полето на дигитализација. Каде сме на темата дигитална трансформација, во време кога на други страни од светот се случуваат екстремно брзи промени и кога се зборува за примена на најнови технологии. Технологиите се развиваат толку брзо што е тешко да се биде во тек со новите случувања.

Во светот, во исто време, се работи на вложувања во вештачка интелигенција, во одредени процеси, во роботика, за актуелниот метаверзум, аватар, блокчејн и др. Всушност, ова се и трендовите на дигиталната трансформација за 2023 година на светско ниво. На пример, вештачката интелигенција со години привлекува големо внимание,  од деловниот и технолошкиот свет. Од големите современи компании, употребата се пренесува на малопродажбата и на помалите компании. Нудење соодветна гардероба на клиентите, како по големина и стил, бесконтактно, поефикасно онлајн купување, подигање и размена на стоки, се само дел од работните места кои  ги преземе вештачката интелигенција.

Ние сме далеку од овие трендови.

Како да немаме доволно убедувања дека вложувањето во дигитализација носи големи придобивки, заштедува средства, време, ресурси. Кај нас, од искуства на градежни компании кои вложиле во дигитализацијата, создале софтвери за оваа индустрија, која ги забрзува процесите во градежништвото,  се потврдува дека имаат големи придобивки, заштедиле многу , станале поефикасни, имале поголема следливост на трошоци, загуби, залихи исл. Од поголеми компании кои имплементирале софтерски решенија за човечки ресурси , исто така, се потврдува дека постигнуваат подобри резултати, добро управуваат со човечките ресурси во компанијата, намалени се отсуствата, подобрена е работната атмосфера, наградувањето и сл.

Но, тие се примери за поголемите.

Кога малите ќе може да си го дозволат тоа? Тоа е клучен проблем? Ако ги прашаме компаниите, ќе речат да имаме се, но што за нив е тоа се?

Веројатно, потребно е да се работи и на едукација за дигиталната трансформација, но и на финансиска поддршка, за  да се постигне подобрување на дигиталната трансформација кај компаниите. Треба да имаат поголеми можности за пристап до финансии за дигитална трансформација. Радува фактот што  се појавуваат повици за обезбедување финансии за компаниите. Последен пример е со јавниот повик на ФИТР за дигитална трансформација на претпријатијата „Со дигитална трансформација до иновација”. Повикот е наменет за мали и средни претпријатија од земјоделско – прехранбениот и туристичкиот сектор, со цел да се овозможи зголемување на иновативноства и конкурентноста на претпријатијата преку воведување на дигитални решенија кои ќе водат кон дигитална трансформација во нивното работење.  Оваа поддршка сигурно значи многу за подигање на свесноста за вложување и кај компаниите, но и за нивниот развој. Ако се анализираат индустриите, надвор од ИТ индустријата, во водство според дигитализацијата или дигиталната трансформација е финансискиот сектор, банките. Финансискиот сектор е најголемиот светски корисник на дигитални технологии и главен двигател на дигиталната трансформација на економијата и општеството.

Но, тие се големи, ликвидни и моќни. За да напредуваат и да градат конкурентност,  компаниите  мора да се прилагодат на потребата за побрза дигитална трансформација. Визијата на Европската унија за деценијата на дигитална трансформација предвидува, дека повеќе од 90 отсто од малите и средни претпријатија треба да достигнат барем основно ниво на дигитален интензитет до 2030 година. Со усвојување на дигитални технологии, компаниите го подобруваат квалитетот на нивните услуги и производи и ја зголемуваат нивната конкурентност. Кризата предизвикана од короната, исто така, покажа колку дигитализацијата е клучна за подобрување на економската отпорност на компаниите.

Едноставно, тоа ни е спасот.

Северна Македонија го применува  Индексот за дигитална економија и општество DESI што  го означува напредокот на државата кон дигитална економија и општество. Во 2021 година Европската комисија го прилагоди DESI кон двете главни политики што ќе имаат влијание врз дигиталната трансформација во Европската Унија во наредните години: Механизам за закрепнување и отпорност  и Компас за дигитална декада.

На највисокото ниво, DESI ги опфаќа четирите главни подрачја што се предмет на политиките за дигитална економија и општество. Тие не се изолирани подрачја што одделно придонесуваат за дигиталниот развој, туку се меѓусебно поврзани. Како такви, развојот во дигиталната економија не може да се постигне низ изолирани подобрувања во одделните области, туку преку усогласени подобрувања во сите подрачја. Четирите главни подрачја во највисокото ниво на DESI се:  Човечки капитал, Поврзливост , Интеграција на дигитална технологија  и  Дигитални јавни услуги.

Инаку, во ЕУ во 2021 година, само 56 отсто од компаниите го постигнале основното ниво на дигитален интензитет. Основното ниво подразбира употреба на најмалку четири од дванаесетте избрани дигитални технологии (употреба на вештачка интелигенција, најмалку 1 процент од вкупниот сообраќај преку е-трговија итн.) и вклучува компании со ниско, високо и многу високо ниво на индексот на дигитален интензитет. Само три проценти од МСП во ЕУ постигнале многу високо ниво на дигитален интензитет, додека 18 проценти постигнале високо ниво. Мнозинството мали и средни претпријатија забележаа ниски, 34 проценти или многу ниски, 45 проценти, нивоа на дигитален интензитет. Од друга страна, 88 отсто од големите компании го достигнале основното ниво на дигитален интензитет.

Податоци, кои можеби се за утеха, ако се споредуваат со вложувањата на малите и средни компании кај нас.

Постигнатите резултати покажуваат дека ќе биде тешко да се исполни една од главните цели на Дигиталниот компас – визијата на ЕУ за деценијата на дигитална трансформација – според која повеќе од 90 проценти од малите и средни претпријатија треба да достигнат најмалку основно ниво на дигитален интензитет до 2030 година.

Најдобри земји, се скандинавските земји, кои имаат голем процент на високотехнолошки компании. Тоа се компании кои користат вештачка интелигенција, IOT, дигитални платформи итн. Овие технологии се особено тешки за примена во преработувачката индустрија бидејќи опипливите производи се многу посложени од виртуелните или дигиталните за производство и дигитална „обработка“.Земјите-членки со големи економии или големо население ќе треба да имаат добри резултати за да ѝ овозможат на Европа како целина да ја постигне својата амбиција за 2030 година.

Дел од европските познавачи на состојбите, сметаат дека  малите компании го немаат луксузот да инвестираат, вклучително и дигиталните технологии, во нешто што ги спречува да добијат потенцијален брз поврат на нивната инвестиција. Клучот за нивниот успех нема да биде зголемениот степен на дигитализација, туку развивањето на способноста да се препознаат можностите, да се специјализираат, да се формираат партнерства и да се координираат со поголем број учесници за да се најде вистинската понуда за вредноста.

Да се ​​биде отворен за промени и да се претворат предизвиците во можности е клучот за постигнување на целите, велат  дел од европските експерти за дигитализацијата.

Малите компании, откако ќе ги дигитализираат нивните основни деловни процеси, ќе мора се повеќе и повеќе да се потпираат на облак инфраструктурата и големите платформи за да почнат да генерираат приход со што е можно помалку инвестиции, а потоа, доколку е потребно, брзо и лесно да усвојат нов бизнис модел. Клучот за опстанокот и развојот на малите компании е брзината на адаптација и способноста за постојано иновирање.

Во извештајот на Евростат се наведува дека 88 отсто од големите претпријатија се дигитализирани. Неопходно е да се искористи ова во смисла на споделување знаења и деловни случаи, бидејќи дигитализацијата на големите претпријатија е значително поголем предизвик во споредба со дигитализацијата на помалите претпријатија, со оглед на бројот, сложеноста на функционирањето на системот и неопходноста од нивно поврзување во дигитализацијата.

Поради војната и кризата, инвестициите во ИТ се намалени или запрени кај многу компании. Но, нема алтернатива, сите кои  заостануваат ќе мора да го забрзаат процесот на дигитализација. Во спротивно,  нема да бидат конкурентни, но нема да можат да работат и без висок степен на дигитализација на бизнисот.

Мора да се потенцира дека, дигитализацијата се покажа како клучна сила за подобрување на економската отпорност на компаниите. Во развиените земји, најмногу, но и кај останатите,  препознаена е дигиталната трансформација, како двигател на економскиот раст.

Компаниите мора да ја разберат, што побрзо,  важноста на  дигиталната трансформација. Но, потребни се и ресурси за успешна дигитализација, односно вработени кои ќе можат да го применат овој процес.

Дополнително, помладите генерации веќе имаат одлична дигитална писменост и по влегувањето на пазарот на трудот, што го олеснува процесот на трансформација.

Едно е сигурно, доколку сакаме да постигнеме економски раст, мораме дигитално да се трансформираме, во спротивно ќе останеме заробени во историјата и во економска стагнација.

 

 

М-р Марија Георгиевска
Уредник и водител на емисијата за бизнис и економија ПРОФИТ

ЗЕЛЕНА ТРАНСФОРМАЦИЈА НА БИЗНИСИТЕ

Воведувањето на „Зелениот план“ со цел постигнување на климатска неутралност до 2050 година,наметнува воведување на промени и ревизија на досегашниот начин на градење на успешност во работењето.

Денес, е време во кое инвеститорите и компаниите, користат се повеќе нефинансиски показатели, за да донесат правилни одлуки, поврзани со инвестирањето, но исто така, и во работењето со партнерите и останатите акционери во својот деловен екосистем.

Во 2004 година, првпат е искована кратенката ЕSG Environmental, Social и Governance принцип, тој на почетокот потесно, а подоцна и пошироко се наметна како водечки концепт на одговорно и одржливо организациско работење, што е најдобриот пат кон зелената трансформација. ЕSG претставува согледување на управувањето во компаниите, со активности поврзани со животната средина, општествените прашања и управувањето.

За оваа тема, во емисијата анализа со соговорниците:

доц. д-р Ернест Влачиќ- универзитетски професор, Р.Хрватска

Фросина Гечева Кочова – претседател на Комитетот за ESG при Американската стопанска комора на Северна Македонија

проф. д-р Маја Кузмановска – директор на Бизнис Академија Смилевски

 

СИТЕ ЕМИСИИ

ИНТЕРНЕТ И ТЕЛЕКОМУНИКАЦИСКИ СЕРВИС ЗА РАЗВОЈ НА БИЗНИСИТЕ

Интернетот направи револуција и го промени начинот на кој работат компаниите. Со него се овозможи директно поврзување на организациите кои соработуваат во деловното работење и нивно поврзување со потрошувачите. КАКО никогаш досега, сите компании од приватниот бизнис сектор ја имат потребата од глобално поврзување.Можноста да ги понудат своите производи и услуги ширум светот преку интернетот, е од особено значење и една од клучните бизнис алатки на делување во современиот свет.Тоа што денес во 21 век е потребно, е многу повеќе од само обична интернет конекција, денес на компаниите географски лоцирани во Скопје и Македонија им е потребна најкратка дестинација и загарантирано поврзување кон Брисел,Лондон, Њујорк, Пекинг… Интернетот денес е круцијален сервис за развој на бизнис секторот.ЗАТОА, треба да се зборува согласно модерните потреби важни за развој на компаниите, кои го олеснуваат и подобруваат нивното функционирање.

Оваа тема ја обработивме со соговорниците:

Андреј Боштјанчич – директор и  сопственик на „Софтнет“

Станко Ѓуран – регионална продажба во „Софтнет“

Богдан Божовиќ – IP телефонија и VOIP во „Софтнет“

Мирјана Супуровиќ – раководител на продажба за Кина и Хонг Конг во „Софтнет“

Благоја Мандаров – регионална продажба во „Софтнет“

СИТЕ ЕМИСИИ

ИНТЕГРИРАНИ ТУРИСТИЧКИ ПОНУДИ ПОТЕНЦИЈАЛ ЗА РАЗВОЈ НА ТУРИЗМОТ

По прогласувањето на дел од Осоговските планини во 2020 год. и Малешево во 2021 год. за заштитени подрачја, Источниот регион од државата добива нова можност за развој во насока на подобрување на социо-економските услови за живот, во хармонија со природата. Се создава компонента за развој на активен, одржлив, алтернативен и рурален туризам, во рамки на проектот Интегрирани туристички понуди во Брегалничкиот регион, производ на Програмата за зачувување на природата во Северна Македонија – излезна фаза, проект на Владата на Швајцарија, координиран од „Фармахем“ од Скопје.Заштитените подрачја и нивната околина треба да се развиваат во насока на одржливо користење на природата, зачувување на локалните традиционални обичаи и начин на живот, промоција на убавините кои ги имаат и мотивација за населението кое живее таму да престане да ги следи трендовите на миграција кон урбаните средини или надвор од државата.

За новите можности и интегрираната туристичка понуда на Малешевијата, во емисијата, анализа  со соговорниците:

Катерина Ивановска – програмски советник во Програмата за зачувување на природата во СМ – координиран од „Фармахем“

Антонио Арнаутовски – Пчеларска фарма „Кладенче“

с.Владимирово, Берово

Даниела Кацарска Крстевска    – „Мојот сапун“, Пехчево

Маноил Стефановски – Сточарска фарма „ Агро Чука“ с.Негрево, Пехчево

Влатко Сулев – генерален менаџер на „Balkan Prime Tours

Константин Циривири– генерален менаџер на „Mountain experience“

СИТЕ ЕМИСИИ

МЕРКИ ЗА СПРАВУВАЊЕ СО ВИСОКА ИНФЛАЦИЈА

Во справувањето со инфлацијата, клучна улога имаат мерките на Народната банка. Таква е состојбата и на светско ниво, улогата на централните банки во справувањето со инфлацијата, е сè позначајна во сите земји во светот. Главниот фактор што и натаму ги подгрева глобалната и домашна инфлација лежи во  силниот и долготраен шок врз глобалните цени на енергентите и храната.

Последиците од инфлацијата се огромни и ги чувствуваат сите и граѓаните и стопанството.

Ова е особено изразено во малите и отворени економии, како македонската, во кои голем дел од производите се увезува, а храната и енергијата имаат големо учество во вкупната потрошувачка. Поради силината и времетраењето на шокот, централните банки ги зголемуваат каматните стапки. Во оваа смисла, Народната банка  постепено  ја зголемува основната каматна стапка, за да ја намали инфлацијата, како што впрочем реагираат и многу други централни банки, вклучувајќи ја и Европската централна банка.

За мерките и нивното влијание врз економските текови, во емисијата анализа со

соговорниците:

Красимир Петров – доктор на економски науки  од Државниот универзитет „Охајо“

Академик Абдулменаф Беџети

проф. д-р Дејан Шошкиќ – Економски факултет при Универзитетот во Белград

СИТЕ ЕМИСИИ

за ПРОЕКТОТ

ЗГОТВЕНО НАД ОБЛАЦИ со Марија Гегоска .

200 епизоди по 20 минути. Две премиери неделно со 8 репризи неделно.

Рецепти од познати филмски сцени. Што е толку слатко во Синема парадизо?  Подготвуваме романтична вечера за  Мајаковски и Лилја Брик. Дали знаете дека лајт мотивот на филмот РАТАТУИ е Француската турли тава?  Ние ја подготвиме! Сакате да ја пробате печената шунка од Том и Џери? Рецептот  за домашна паста од Чарли Чаплин – Никогаш нема да ве изневери! Како макеата на Снежана го подготви зашекереното јаболко? Колбаси и ќофтињата во сос од култниот филм  Кум. И ќе ви го кажеме  трикот на Клеменца :  со малку лук и шекер….Псст! Нашата мала тајна..

Рецепти спомнати во познати романи.Готвиме…подготвуваме…спремаме..

…се храниме…создаваме..рекреираме…се инспирираме…фантазираме…

учиме…имагинираме…подучуваме… импровизираме…

 Емисија која ја предизвикува имагинацијата на нашите гледачи, емисија која продира во скриените ќошиња на фантазијата, емисија која е храна и за ум и за тело.

“Корнет Чоп Суи” e jадење по кое Луј Амстронг именувал песна, а Едвард Копер нацртал слика со истото јадење. Ке готвиме “Супа од домати” од сликите од Енди Ворхол..Марк Шагал и инспиративната вечера на љубовна средба.. “Попај” и храна од конзерва е нашиот предизвик… Англиската бајка – “Џеки и вошебниот грав” ви ги носиме во чинија…

Храна која се јадела во клучни историски моменти, Уживавме во “Свадбената торта на Леди Ди“. Јадеме храна од најнеобичните места од светот. Ќе и спремиме пуч на “шопската салата”. Ке одговориме, како едноставната ”чорба од леќа Даал”  стигнала до кралската трпеза…

И уште нешто…

Како  е спремена гозбата на Ивица и Марица? Што имало на трпезата на Тајната вечера?

Имагинација, фантазија и креативност. Го спојувањето готвењето со уметноста, историјата и забавата.

Марија Гегоска Ве води во ЗГОТВЕНО НАД ОБЛАЦИ!

 

РЕЦЕСИЈАТА ТРОПА НА ВРАТА – ЦЕНАТА ЗА ЗАБАВЕНИОТ ЕКОНОМСКИ РАСТ МОРА ДА СЕ ПЛАТИ

Забавувањето на економскиот раст може да биде „неопходна цена што треба да се плати“ со оглед на потребата да се врати ценовната стабилност итно и без одлагање, заклучи Кристалина Георгиева, директорка на Меѓународниот монетарен фонд, во своја неодамнешна изјава. „Оваа 2022 ќе биде тешка година, а 2023 може да биде уште потешка. Ризиците од рецесија се зголемени за 2023 година“. Не може да ја исклучи потенцијалната глобална рецесија следната година со оглед на зголемените ризици“, рече Георгиева.

Потребна е уште сега и веднаш акција и стратегија како да се пресретне најавената рецесија и пораката на ММФ, за тешката 2023 година. Компаниите да се мобилизираат, за да не дојде во последен момент да спасуваат нешто, што тогаш тешко може да се спаси.

Времето тече. Мора сериозно да се прими и разбере пораката, која ја пренесе поодамна шефицата на ММФ. Кризниот менаџмент и научените лекции од менаџирањето во време на пандемијата, да се обноват и да се направи план.

Реорганизација, промени на пазари, суровини, тимови, менаџерски одлуки, планови, да биде во знакот на очекувањата за „лошата“ 2023 година. Тоа ќе помогне на компаниите да ја пресретнат годината подобро подготвени.

Шефот на ММФ предупреди дека продолженото заострување на финансиските услови ќе ги комплицира глобалните економски изгледи, a клучно e да се стави под контрола растот на цените.

По сите овие „математики“, објаснувања, ставови и калкулации, јасно е што го очекува светот. Но, каде сме ние, во него.

Апелите од стопанството постојано се гласни. За нив и сега е многу тешко, а уште потешка е помислата за  2023 година, со вакви лоши предвидувања.

Државата признава дека зимата ќе биде тешка.  Mинистерот за економија Крешник Бектеши, неодамна, излезе во јавноста со став:„Не очекува многу тешка и непредвидлива зима на енергетски план, која не зависи само од Северна Македонија или од земјите од регионот, туку зависи од тоа како ќе се одвива ситуацијата со војната во Украина“. Но, се донесоа мерки, кои даваат надеж, дека ќе може да се помине малку полесно, од првичното очекување.

Инфлацијата е дополнителен товар.

Се бара спас за стопанството во сите можни варијанти.

НБРМ  од минатата година, преку низа инструменти го започна затегнувањето на монетарната политика, во насока на закотвување на инфлациските очекувања. Инфлациските притисоци траат подолго време, подисперзирани се, влијаат на инфлациските очекувања и оттаму централните банки мора да реагираат.

Народната банка повторно, сега за 0,75 процентни поени, ја зголеми основната камата  и таа се искачи на 4,25 проценти. Ова е седми пат по ред годинава централната банка да посегне по овој механизам со цел да  ја стабилизира галопирачката инфлација во земјава која во октомври достигна 19,8 проценти.

Експертите веќе неколку пати предупредија  дека по ваквите чекори на Централната банка за очекување е да има поскапување на кредитите  особено на оние кои се со варијабилни каманти  стапки.

Основната камата на централната банка која изминатиот период расте, е сигнал и за домашните банки да ги зголемат каматите и на депозитите и на кредитите. А дополнителен удар за граѓаните и компаниите е што по Нова Година, ќе расте и законската затезна камата која за граѓаните ќе изнесува 12,25 проценти на годишно нив, велат експертите низ медиумите.

Коморите во земјава, тековно порачуваат наместо постојано да се брани курсот  на денарот,  повеќе внимание да му се посвети и на бизнисот,  затоа што без економија една државата не  може да опстои.

Постепена фискална консолидација, добра стратегија и издржан план за забрзување на растот, инвестиции во човечкиот и физичкиот капитал, дигитализација и одржливост, се петте клучни чекори за забрзување на економскиот раст, по заздравување на економијата од тековната глобална криза, наведува во својата најнова колумна, пак,  посветена на буџетот и економските стратегии министерот за финансии, Фатмир Бесими.

За да зборуваме за забрзување на економскиот раст и користење на јавните финансии за стимулација на растот, пред сè треба да постои фискален простор. Но, од друга страна, силното фискално затегнување, особено во време кога економскиот раст забавува, може да предизвика контракција на економијата и негативни последици, вели  министерот Бесими.

Поради ценовните шокови кои се случуваат и на глобалните пазари поради воената и енергетска криза и Американската централна банка ФЕД, исто така, прави нагорна корекција на каматната стапка на благајничките записи и посочи дека со ваквите чекори ќе се продолжи со цел да се ублажат инфлаторните притисоци.

Претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард, вели дека ризикот од рецесија е зголемен.

Европската централна банка ги зголеми клучните каматни стапки повторно, тие може да достигнат нивоа кои ќе го ограничуваат економскиот раст, со единствена цел да се скроти инфлацијата.

„Притисокот на цените се шири во  повеќе сектори. Очекуваме дека инфлацијата ќе остане непожелно висока уште некое време“, изјави неодамна претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард.

Се погласни се ставовите дека Германија во 2023 година ја чека рецесија. Тоа го аргументираат бројките. Германската економија ќе се намали во 2023 година, бидејќи драматичното зголемување на трошоците за енергија поради руско-украинската војна ги намали шансите за закрепнување од пандемиската криза.

Официјално или неофицијално, претпријатијата веќе ја „живеат“ рецесијата.

Фактот дека имаа притисоци и огромни проблеми во работењето, е нивно секојдневие.

Статистичките податоци говорат дека оценката за економската состојба на деловните субјекти во преработувачката индустрија, во октомври 2022 година е понеповолна во однос на претходниот месец,а понеповолна и во однос на октомври 2021 година. Се очекува бројот на вработените да се намали. Од прехранбената индустрија се поздравува владината одлука за обезбедување електрична енергија по поволни цени со која се опфатени производителите на храна, со што се надеваат на помали проблеми, ако може во ова време да се смета тоа.

Времето ќе покаже дали мерките што ги носи државата ќе влијаат на подобрување на компаниите и ублажување на последиците врз нивното работење.

Поддршката, во насока на создавање подобри услови за водење на бизнисот е задолжителна, за да може компаниите да ја надминат со помали загуби, очекуваната рецесија.

Времето ќе покаже, колку ќе биде висока цената на рецесијата.

 

М-р Марија Георгиевска
Уредник и водител на емисијата за бизнис и економија ПРОФИТ

ПРОФИТ – ИНВЕСТИЦИИ ЗА ЗАШТИТА ОД ИНФЛАЦИЈА

Инфлацијата е двоцифрена, а тоа предизвикува големи загуби на вредноста на инвестициите. Можности кои се на располагање, за да се заштитат инвестициите се: инвестирање во злато, во недвижнини, во хартии од вредност, во девизи и тн. На овие простори, се уште доминира инвестирањето во недвижности и во девизи. Во државата, ново на пазарот е можноста да се инвестира  во инвестициско злато и сребро. Додека во Македонија овој бизнис е во зачеток, тој во соседна Бугарија и во Србија е веќе развиен. Но, иако е на почеток, од компанијата што е единствена на пазарот, за тргување со инвестициско злато и сребро, велат дека интересот кај Македонците за купување и воедно штедење во златни плочки е голем. За вистинските избори, анализа во емисијата со соговорниците:

Мариан Рангелов – „Инвест метал“ Скопје www.investmetal.mk, првата компанија која тргува со инвестициско злато и сребро во Македонија. Прва компанија во земјава која увезува и тргува со инвестициски плочки и монети од злато и сребро. Започнала со работа во Северна Македонија 2022 год. во мај и работи исклучиво со плочки и монети од чисто злато и сребро, односно злато со чистота 999.9 (24 карати) и сребро со чистота 999.

Красимир Петров – доктор на економски науки од Државниот универзитет „Охајо“

Академик Абдулменаф Беџети

проф. д-р Дејан Шошкиќ – Економски факултет при Универзитетот во Белград

Оливер Димитровски – сопственик на агенцијата за недвижности „New Way Limited“ – Скопје www.newway.mk

СИТЕ ЕМИСИИ

СКАПО Е ПРОИЗВОДСТВОТО ИЛИ МУДРО Е ТРГУВАЊЕТО?

Дали навистина сѐ е толку скапо или во„ матното“ сакаме да профитираме? Цените на производите и услугите растат со вртоглаво темпо, , од сите категории, во сите сектори. Цените на храната растат и понатаму, а покрај одредени мерки, кои се во насока на скротување на инфлацијата, се чини, извесна е тешка зима, но и пролет. Надлежните институции повторуваат дека ние сме дел од глобалните финансиски текови, односно тоа што се случува надвор, се случува и кај нас.

„Подолготрајните притисоци од увозните цени, особено на храната и енергијата, коишто учествуваат со близу 50-тина проценти во нашата потрошувачка кошничка, влијаеа на подолготрајни и пошироко распространети инфлациски притисоци, бидејќи колку подолго се присутни увозните притисоци, толку повеќе стоки од потрошувачката кошничка се засегнати“, велат анализите на Народната банка. Зголемените цени и поскапата потрошувачка кошница влијаат на финансиската кондиција на граѓаните. По сите параметри, потврдена е намалената куповна моќ. Двоцифрената инфлација врши голем притисок, со своите 18,7 проценти, измерени во септември годинава.

Последиците од високата инфлација веќе се воочуваат. Таа создава несигурност во одлуките на потрошувачите и инвеститорите.

Растот на цените тешко се контролира. Дали сите имаат оправдан раст, со такви стапки, на кои сме сведоци секојдневно. Пазарната логика создава дилеми и збунетост, бидејќи се има впечаток дека секој гледа да „лови во матно“ и во вакви околности да заработи повеќе. Во амбиент на поскапувања, очекувано купувачот нема основ да реагира, зошто „држи“ тезата, се е поскапено, „се е отидено нагоре“. Дали треба или не, дали има логика и оправданост, не е важно, важно е што има услови за поскапување.

Не само енергенсите и прехранбените производи, оправданост да поскапува се гледа и кај некои производи за кои нема економска логика за поскапување со таква стапка. Кога работи психолошкиот аспект кај потрошувачот, можеби е полесно за некои сектори од трговијата и услугите, да „помине“ големо зголемување на цените, со стапки „до каде се може“.

Но, дали е оправдано и дали така треба?

Производителите аргументираат дека работат во исклучително отежнати услови, бараат поддршка од државата.

На потег е таа, да помогне сега кога им е најтешко.

Во медиумите излегоа анализи за реакциите на купувачите дека цените на ист производ во маркетите се со нереални разлики, кои се движат и до 100-тина и повеќе денари. Каде е тука оправданоста за ваквите ценовни разлики? Како во еден маркет има „математика“ да се продава некој производ за 300 ден. а во друг, истиот производ за 600 денари. Сигурно, производителот вкалкулирал во производните трошоци се, но на крајот трговецот, како да излегува најмудар? Од Пазарната инспекција во медиумите со став, дека вршат континуиран надзор на цените, во насока на тоа, дали трговците се придржуваат кон одлуката за посебни услови во трговијата, со која се регулира маржата и вкупната цена.

На тема реално-нереални состојби со движењето на цените, се полемизираше со цената на маслото за јадење, со цената на млекото,јајцата идр.

Економските аналитичари од академската заедница велат дека двојно и тројно се зголемени цените на готовите производи за една година, што не е сразмерно со реалната состојба, зошто ако се погледне цената на базичните производи или откупната цена на млеко, пченица, пченка исл, ќе се забележат огромни разлики. Се поставува прашање каде оди оваа маржа, како се формираат цените?

Колку и да има оправданост дека важат слободните пазарни законитости и конкуренцијата, се стекнува впечаток дека има одлични услови да се профитира.

Ако, пак, се погледнат подетално финансиските извештаи, кај компании кои покриваат дел од производите за широка потрошувачка, од прехранбениот сектор, потоа секторот на минерали, метали и секторот на енергија, ќе се види дека нивните профити во овој временски период на висока инфлација, се релативно повисоки.

Се охрабруваат купувачите да реагираат. Но и да реагираат, што од тоа? И да се најдат неправилности и да се казнат трговци, цените на храната нема да се вратат. Граѓаните, немаат голема верба, во намалување на цените. Тие и понатаму кратат од својата потрошувачка кошница.

Во услови кога е намалена куповната моќ, кога има висока инфлација и кога купувачите се во вечна потрага за поевтин производ, па дури одат и од дуќан до дуќан, споредувајќи ги цените и купувајќи најевтино. Воедно, се калкулира и со суровините кои ги употребуваат во производството, користат поевтини состојќи, менуваат рецептури и со тоа го намалуваат и квалитетот на производот.

Во пазарните промени, револт кај потрошувачот создава и намалената грамажа на производите. Зарем, производителите и трговците мислат дека купувачот не го гледа тоа?

Зарем е фер, во вакви околности? Кога луѓето се соочуваат со низок животен стандард, со опаѓање на истиот и кај оние, кои до неодамна биле малку „послободни “ во живеачката.

На пазарот се случува вистински хаос, а сите се оправдуваат на зголемените трошоци. Државата, за да смири, ги замрзнува маржите. Последното продолжување на рокот за траење на мерката за ограничување на маржата на основните прехранбени производи во трговијата на големо и на мало е за следните три месеци, односно до 31 декември 2022 година.

Освен тоа, во насока на смирување на апелите за помош на стопанството, во делот на енергијата, Владата донесе одлука околу 200 компании од прехранбениот сектор од 1 декември да плаќаат струја по 80 евра за мегават час. Опфатени се производителите на масло, леб и пекарски производи, брашно, млеко и млечни производи, месната и живинарската индустрија. Иако, очекувањата беа со ова да се намалат цените на храната, од почетокот на декември, калкулациите на компаниите секојдневно се менуваат, со најава да се очекува намалување од почетокот на наредната година.

Колку и да полемизираме и анализираме, колку да ни помине маката, потрошувачката кошница е посиромашна, платите се ниски и имаме лош животен стандард.

Колку и да мудруваат производителите и трговците, државата треба да понуди помош и стратешки решенија.

На крајот скапата сметка ќе ја платат сите: државата, производителите, трговците и купувачите.

 

М-р Марија Георгиевска
Уредник и водител на емисијата за бизнис и економија ПРОФИТ

LIVE
LIVE
LIVE
LIVE
LIVE
LIVE
gohost.mk