ДА БАРАМЕ МОЖНОСТИ, А НЕ ПРОБЛЕМИ ВО КРИЗАТА !

Проблеми имало, има и ќе има, но како да ги најдеме можностите во проблемите, кои ни ги донесе кризата. Дали домашните компании се фокусирани доволно, да ги најдат можностите или губат премногу време за негативни коментари и обвинувања на се што е дадено, мерки, програми исл. и со тоа губат дополнително енергија.

Насочете го умот кон можностите, реагирајте брзо, ова нема да се повтори, а со тоа и новата шанса, во едни вакви околности, со ваква поставеност на нештата.<br>
Ова ќе помине, а ќе помине и шансата, таа еднаш се дава и поминува, бидејќи понатаму ќе биде друго, други околности, други состојби.

Ако не реагирате брзо, ќе заминат во неповрат и шансите и можностите и новите перспективи.
Многу лекции се прочитани, многу мудри изреки се кажани, наше е да ги разбереме навреме и да ги применуваме во вистинско време.
А, тоа колку и да звучи апсурдно е токму сега, да како што читате. Вистинското време за нови нешта и за нови перспективи е токму сега. Затоа, сите сме на потег, да покажеме колку ќе ги искористиме.

Најгломазната индустрија, текстилната, најде начин да се преориентира и да почне да шие маски, наместо кошули и за тој чин БРАВО.Доказ дека можело.
И најтврдокорните сопственици на бизниси кои имаа отпор кон модерните начини на водење бизнис, попуштија. Најконзервативните работодавачи, кои не можеа да разберат никако, дека работникот не мора физички да биде присутен во фирмата за да биде 100% продуктивен и најсовесно и квалитетно да си ја заврши работата.
Зошто, секако нема корист ако некој само физички му седи на работното место и не работи со 100 % продуктивност, независно дали компанијата е во криза или најнормално функционира, нели.

Попуштија сите и најдоа нови можности и видоа во пракса, дека сето тоа може да функционира, само ако го отвориме повеќе умот и дадеме шанса, да се покаже дека функционира.
Контактирајќи со многу сопственици на бизниси, добивам информации за нови убави нешта што ги креирале и ги создале токму сега, во криза.
Некои велат, ова требаше да го правам секако, да го направам онлајн бизнисот, но од преоптовареност и трка со постигнување на секојдневните работи, го запоставував свесно.
Сега, благодарам на кризата, зошто ми даде време и шанса да го имплементирам тоа и да станам и поконкурентен и да го унапредам работењето и да продолжам во еден нов развој.
Друг вели, создадов нов вид услуга и фала многу на кризата, имав време да седам со часови во тишина и да креирам ново.
Друг ќе рече, се радувам што ќе се направи еден филтер во составот на компаниите, очекувана селекција, која ќе ја направи кризата и фала што е така.

Ќе останат оние, кои навистина сакаат и знаат да работат, кои негуваат добри деловни односи, домаќински практики, кои планираат да растат и да се развиваат. За да продолжиме да работиме со тие таквите, квалитетни компании. Досега губевме време со сите, меѓу нив и со оние несериозни, кои импровизираа во својот бизнис и ни ги одземаа и времето, но и парите, со тоа што не плаќаа.Така, ја одземаа финансиската моќ за работа.

Сега, нека останат најдобрите.
Зарем малку примери се ова, кои покажуваат дека кризата била добредојдена да повлечат линија, да направат пресек на тоа што работеле досега, каде грешеле и што им е потребно понатаму.

Промени дефинитивно ќе има, уште малку ќе излезат тие што ќе преживеат и тогаш ќе се пребројат колку се и колку останале.
Но, тие ќе бидат посилни, понови, посериозни и со нови производи, услуги, проекти. Патем, некои од компаниите веќе и покажаа дека направиле такви промени, со фактот дека почнаа да ги пласираат своите производи преку новите е-продавници.
Не е секогаш и до парите, некогаш е и до умот, прифаќањето на предизвикот, на ризиците.
Па, нели затоа се претприемачи, нели затоа се посебни и различни од сите други.
Така треба и да биде!
Не треба да се чека.
Треба да се реагира.
Затоа, да бараме можности во кризата, а не да ги бараме проблемите.

М-р Марија Георгиевска
Уредник и водител на емисијата за бизнис и економија ПРОФИТ